EPP-Valensija1

02.05.2025 Скопје

Конгресот на Европската народна партија (ЕПП) во Валенсија речиси и да не се обѕрна на проширувањето на Европската унија во неговите официјални документи, не само кон Западен Балкан, туку и кон Украина и Молдавија, туку повеќе се занимаваше со проблемите на одбраната на Унијата и проблемот со демографијата на континетот.

Конгресот усвои 11 резолуција, две усвои претседателството на ЕПП и уште седум итни резолуции. Единствената што на некој начин има допирна точка со регионот е итната резолуција за изборниот интегритет во Албанија, најмногу поради тоа што Демократската партија на Сали Бериша е дел од ЕПП, а се однесува на парламентарните избори во државата закажани за 11 мај.

Во таа итна резолуција ЕПП ја изразува својата загриженост за моменталната политичка ситуација. Во резолуцијата се наведува дека има сериозни прекршувања, вклучително и злоупотреба на државни ресурси, купување гласови, кршење на тајноста и слободата на гласање и медиумска пристрасност. Сето тоа на сметка на социјалистичката влада на Еди Рама. ЕПП заклучува дека изборите во Албанија се поткопани со манипулации и злоупотреба на моќ, дека политичкиот плурализам е потиснат преку институционален притисок и дека владеењето на правото не се одржува поради судска заробеност и неказнивост.

ЕПП усвои резолуции на проблемите со домувањето во ЕУ, академската слобода, за имиграцијата, за владеењето на правото, за Венецуела, Грузија, Кипар, Хамас, Белорусија…

Конгресот го избра досегашниот претседател Манфред Вебер на уште еден тригодишен мандат, но не со толкава поддршка каква што се очекуваше. Од 802 делегати со право на глас, 563 се појавија за да дадат важечко гласачко ливче, при што 502 гласаа „за“ и 61 „против“. Вебер е претседател на ЕПП од 2022 година и претседател на групата на ЕПП во Европскиот парламент од 2014 година.

На конгресот учествуваше и поголема делегација на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од лидерот Христијан Мицкоски.

За време на вчерашното кратко обраќање пред конгресот Мицкоски рече дека „нашиот народ, гордите македонски граѓани кои ги претставувам, од прва рака ја почувствуваа тежината на двојните стандарди. Стандарди кои ја поткопуваат довербата, го намалуваат ентузијазмот и ризикуваат да го ослабат самиот европски дух што го застапуваме.

Мојата нација направи значителни жртви и реформи, цврсто посветена на нашиот европски пат. Сепак, постојано бевме сведоци на менување на целите и дополнителни услови, кои се применуваат селективно, прикривајќи ја транспарентноста и правичноста што ги ветува Европа. Овој пристап не ја зајакнува Европа – го слабее нашиот колективен кредибилитет и ги намалува нашите заеднички цели.

Од клучно значење е лидерите на ЕПП, и во институциите на ЕУ и во земјите-членки, да станат движечка сила зад проширувањето на Западен Балкан во Европската унија“.

Подготвено од М.Д.

About Author