
12.05.2025 Скопје
Медицинските сестри се на првата линија на здравствената грижа, но нивната професија е во сериозна криза. Недостиг на кадар, ниски примања, преоптовареност и лоши услови за работа, ова се главните предизвици со кои се соочуваат милиони сестри ширум светот. Според последните податоци на Светската здравствена организација, глобално недостасуваат околу 6 милиони медицински сестри, а бројот може да достигне 9 милиони до 2030 година ако трендот продолжи. Најпогодени се земјите со ниски и средни приходи, но и многу развиени држави како Велика Британија, Германија и САД се борат со сè посериозен недостиг поради замор, ниски плати, лоши услови за работа и миграција на кадарот кон подобро платени пазари.
Оваа година, пораката за Меѓународниот ден на медицинските сестри е јасна: „Нашите сестри. Нашата иднина. Грижата за сестрите ги зајакнува економиите.“ Темата го става акцентот на тоа дека без здрави, ценети и добро поддржани медицински сестри, нема квалитетна здравствена заштита ниту одржливи економии. Истовремено, Меѓународниот ден на сестринството 2025 година ја става во фокус и економската и општествена вредност на нивната работа, повикувајќи на итни мерки за подобрување на условите во кои тие работат. Светските здравствени системи се под зголемен притисок, а сестрите, како клучен дел од тимот, бараат итни промени: подобри услови за работа, поголема плата и заштита од емоционалниот и физичкиот товар што секојдневно го носат.
Пензионираната медицинска сестра, специјалист сестра инструментарка, во изјава, со носталгија се сеќава на времињата кога професијата била ценета, а условите во поранешна Југославија многу солидни.
„Во тие години, особено во златниот период на Југославија, имавме навистина одлични услови за работа. Болниците беа опремени, работевме со љубов и професионалност“.
Но, кога ѝ се укажала можноста да замине во Либија, решила да ја прифати шансата за уште подобри услови и плата.
„Работев прво во Триполи, па во Бенгази во доцните 70-ти. Болниците беа нови, имаше медицински материјали во изобилие, а пациентите добиваа нега во секое време. Немаше преоптовареност, секој си ја знаеше работата.“
Вели дека како сестра инструментарка била високо ценета и барана во салите.
„Секој хирург сакаше јас да сум со него. Уште пред да каже кој инструмент му треба, јас веќе го подавав. Затоа сите ме бараа, знаеја дека со мене сè ќе тече како што треба“.
Заработувала неколку илјади долари уште во тие години, „пари што тогаш, како што вели биле огромни. По Либија, кариерата ја продолжила во главната болница во Јоханесбург, Јужна Африка, каде останала до пензионирањето и каде што и денес живее.
„Професијата ме однесе низ светот, а секогаш бев горда што сум медицинска сестра“, додава таа.
Од другата страна е млада, 34-годишна медицинска сестра која веќе седум години работи во Германија. Таа го напуштила македонското здравство во 2018 година, крајно незадоволна од условите.
„По средното школо веднаш се вработив во скопските клиники, но само со договор на дело. Тоа траеше со години, а платата беше мизерна, земав 200 евра плата. Не можев да издржам повеќе, ама тие години ми беа школа, девет години учев, стекнав искуство“.
Кога аплицирала во Германија, вели, ја прифатиле во неколку болници, но се одлучила за берлинската.
„Сега заработувам повеќе од 4.000 евра месечно. Иако сум млада, ме ценат, ми веруваат. Ако сакам да се преместам во друга болница, веднаш ќе најдам работа, бидејќи и Германија се соочува со недостиг од медицински сестри“. Засега, како што посочува, не ни помислува да се врати, иако често и недостигаат родителите и помладиот брат, а исто така не планира да менува град, односно болница, но во едно е сигурна.
„За мене нема проблем, знам дека можам веднаш да најдам ново работно место ако посакам, особено поради искуството што веќе го имам, а и бидејќи покрај германскиот, на највисоко ниво зборувам англиски, а последнава година почнав да одам на курс и по шпански јазик. Медицинските сестри се секогаш напјпотреби низ целиот свет“.
Подготвено од М.Д.