EU_SAD

27.05.2025 Скопје

Делегација на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент (ИНТА), предводена од неговиот претседавач, германскиот европратеник Бернд Ланге, од денеска до четврток ќе престојува во посета на Вашингтон на разговори посветени на политичките, трговските и инвестициските односи меѓу ЕУ и САД.

Како што соопшти Прес-службата на ЕП, делегацијата на ИНТА ќе има средби со членови на Конгресот на САД и со претставници на повеќе оддели на Американската администрација, на бизнис асоцијациите, на синдикатите, на здруженијата на потрошувачи, на невладини организации и на научната фела.

Предвидено е европратениците да разговараат за последиците од царините воведени од Американската администрација, за начините на кои бизнисите се прилагодуваат на новите царински давачки, како и за можностите за намалување на трговските тензии меѓу ЕУ и САД.

Ланге, кој воедно е и постојан известител на ЕП за трговските односи меѓу ЕУ и САД, изјави дека главна цел на посетата е европратениците да се слушнат директно од Американската администрација и засегнатите страни за нивните идеи и предлози за подобрување на трансатлантската и светската трговија.

Се упатуваме кон Вашингтон со неколку јасни пораки: дека треба да обезбедиме заемно корисен договор што е можно поскоро за да се стави крај на болката и неизвесноста на бизнисите и потрошувачите, дека Европскиот парламент ќе треба да даде согласност за таков обврзувачки договор и дека имаме можност заедно да изградиме позитивна споделена трансатлантска агенда. Треба да ја искористиме таа можност, истакна Ланге пред заминувањето за Вашингтон.

Подготвено од М.Д.

About Author