
20.05.2025 Скопје
Како историски момент во билатералните односи меѓу Британија и РС Македонија го оцени стратешкото партнерство меѓу РС Македонија и Велика Британија, британискиот амбасадор Метју Лосон. Тој потенцира дека околу половина од британските инвестиции во целиот Западен Балкан се во земјава, а оти договорот Влада со Влада ќе значи продлабочување на веќе воспоставеното економско и трговско партнерство.
„Како што слушнавте од премиерите ние објавивме стратешко партнерство во рамки на кое се потпишува и договор Влада со Влада кој ги поставува условите за поголема трговска размена и инвестиции од Велика Британија во земјава“, истакна амбасадорот Лосон.
Тој додаде дека, причината поради која го прават ова е тоа што со земјава имаат Договор за трговија потпишан пред пет години, но, оти на двете страни постоело мислење дека е погодно време да се постигне Стратешкото партнерство за да се направи дополнителен исчекор.
„Она што граѓаните ќе го видат е уште поблиска соработка со Велика Британија за значајни прашања, како НАТО партнери ги тренираме вашите вооружени сили за заедничко учество во НАТО, имаме фантастична соработка на сите полиња од глобални теми до надворешна политика, министерката за образование ќе биде во Лондон оваа недела на Светскиот образовен форум“, рече амбасадорот Лосон.
Додаде дека се разгледуваат и можности за соработка во образованието, културата и секако продлабочување соработката во борбата со организираниот криминал и миграцијата.
„На најдоброто го оставам за крај, како ваш втор најголем инвеститор, според вашите податоци, околу половина од нашите инвестиции во целиот Западен Балкан се во Република Северна Македонија и ова е дел од договорот Влада со Влада за забрзан чекор и продлабочување на веќе воспоставеното економско и трговско партнерство. Ние како Велика Британија сме слободна трговска нација и мислиме дека ова ќе даде импулс – работиме многу напорно за формирање на Британска бизнис асоцијација, имаме фантастична листа на бизниси тука кои веќе инвестирале и кои сакаат да ја продлабочат нашата врска“, изјави Лосон.
Договорот Влада со Влада кој ќе биде потпишан оваа недела во Велика Британија, според него, е дел од тоа пошироко партнерство. Се надеваме, вели британскиот амбасадор, дека ова дополнително ќе даде поттик за инвестирање на стотици милони фунти од значење за британската економија и стотици милиони фунти од значење за вашата економија за кои сум сигурен дека граѓаните ќе ги видат.
Подготвено од М.Д.