
09.05.2025 Скопје
Со чистење на околината на Скопскиот аквадукт во кое ќе се вклучат 200 волонтери денеска официјално почнува еко акцијата „Генералка викенд“, единствен масовен еколошки настан, не само во земјава, туку и на целиот Западен Балкан, во организација на „Мен енд Маунтен“ во соработка со бројни спонзори. Акцијата е поддржана и од ЗЕЛС, Црвен крст и Министерство за животна средина.
Во рамките на еко акцијата, чија цел е подигање на свеста за значењето на заштитата на животната средина, на 9, 10 и 11 мај над 20.000 волонтери ќе чистат на повеќе од 500 локации во сите општини, вклучувајќи над 600 организации, институции и компании, еколошки, граѓански, спортски здруженија, пензионерски организации, јавни институции, локални и урбани заедници, градинки, училишта, факултети, волонтери и национални паркови.
На означувањето на почетокот на акцијата е најавено присуството на првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, министерката за образование и наука Весна Јаневска, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, директорката на секторот за корпоративни политики и одржливост на Пивара Скопје, Снежана Савиќ Димовска, австрискиот амбасадор Мартин Памер, градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, секретарот на Црвен крст, Сузана Тунева Пауновска, како и членови на амбасадите присутни во земјава, волонтери и повеќе јавни личности.
Со поддршка на Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ по првпат „Генералка викенд“ ќе биде вклучена и во едукативниот проект „Еко час“ што денеска ќе се спроведе во сите основни и средни училишта.
Учениците од сите училишта ширум земјава денеска ќе добијат за домашна задача заедно со наставниците и професорите да ги исчистат училиштата. Утре учениците заедно со нивните семејства ќе ги чистат домовите и просторот околу нивните живеалишта, а в недела заедно со семејствата ќе ги чистат парковите и пикник местата во нивното опкружување. Нивна задача е да го фото-документираат чистењето и на првиот школски час да ги презентираат резултатите.
По тој повод денеска учениците од Основното училиште „Лазо Ангеловски“ од скопската населба Ново Лисиче ќе спроведат практични активности за заштита на животната средина во присуство на претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер, директорката на Бирото за развој на образование Милка Тримчевска и градоначалникот на општина Аеродром Дејан Митески.
Во пресрет на еко акцијата со видео порака се огласи и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која апелира до граѓаните масовно да се вклучат во акцијата
Го раскинавме пријателството со планетата, ги игнорираме нервозните предупредувања на природата и не сакаме да се соочиме со тешката еколошка криза. Постојано зборуваме за зелени политики, а живееме во сиво црна реалност на убиствен воздух, загадени езера и реки, опустошени шуми и контаминирана почва. Природата не може да биде жртва на профитната агресија. Крајно време е да трчаме маратон кон поздрава животна средина и да склучиме примирје со природата, вели Сиљановска Давкова во видео пораката.
Доколку сакаме здрава иднина, додава, треба сите на 9, 10 и 11 мај да се обединиме во најголемата еколошка акција „Генералка викенд“, како доказ за национална одговорност и еколошка будност.
Грижата ветува цврсти промени и верувам дека годинава ќе покажеме уште поголема еколошка зрелост доколку се вклучат повеќе волонтери за чиста и здрава животна средина, потенцира Сиљановска Давкова.
Врз основа на меморандумот во траење од 10 години што Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Национални шуми го склучија со „Мен енд Маунтен“, секоја година по завршувањето на еко акцијата „Генералка викенд“ во ноември се случува вториот дел од акцијата наречен „Сончева гора“, што подразбира пошумување на државно земјиште.
На секои 10 килограми собран отпад од „Генералка викенд“ се посветува по едно дрво од годишните планови за пошумување. Во изминативе четири години беа собрани еден милион килограми отпад за време на „Генералка викенд“. Досега во еко акцијата учествуваа над 44.000 волонтери, исчистени беа повеќе од 1.000 локации и беа засадени над 120.000 дрвја на различни локации: околу езерото Младост во Велес, селото Ќојлија во општина Петровец, во близина на мегалитската опсерваторија Кокино и во општина Старо Нагоричане.
Подготвено од М.Д.