saem-na-kniga-2025-2

08.05.2025 Скопје

Под слоганот „Храна за душа“, од денеска до 14 мај во арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи 37. издание на Саемот на книга. Најавени се над 65 издавачки куќи и повеќе од 110 промоции и средби со автори.

Саемот ќе ги отвори вратите за посетителите денеска во 10 часот, а официјалното отворање ќе се одржи во 12 часот со обраќање на министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Во текот на седумте саемски денови, во кои ќе има и национално претставување на Република Србија, посетителите ќе имаат можност да изберат книги од богатата понуда на домашни и странски автори, да присуствуваат на промоции на нови дела и да се запознаат со издавачите.

Љубителите на модерната литература, оваа година, ќе се сретнат со популарниот германски писател Себастијан Фицек, а за најмладите се организирани едукативни и креативни работилници, маскоти и забава на 10 и 11 мај.

Саемот ќе понуди повеќе од 110 промоции и средби со автори, а се очекува бројот на посетители да надмине 30.000, од кои околу 12.000 ученици.

Вратите на Саемот ќе бидат отворени секој ден од 10 до 20 часот, а последниот ден до 18 часот. Цените на влезниците се 100 денари за редовна влезница, 50 денари за ученици и 250 денари за три посети. Влезот е бесплатен за деца до 12 години во присуство на родител. Со секоја купена влезница, 15 денари ќе бидат донирани на СОС Детското Село.

Повеќе издавачки куќи во државата веќе ја објавија својата програма и понуда во рамки на годинашниот Саем на книга.

Издавачката куќа „Антолог“ под слоганот „Книги без граници“ за читателите најави богата програма, ексклузивни саемски попусти, огромен број новитети и гостување на еден од најистакнатите автори и јавни интелектуалци од регионот – Миодраг Мајиќ.

Подготвено од М.Д.

About Author