papa lav leo

19.05.2025 Скопје

На плоштадот Свети Петар во Ватикан вчера се одржува инаугуративна миса предводена од папата Лео XIV, со што официјално ја започнува неговата служба како 267-ми поглавар на Римокатоличката црква.

Папата Лео ја заврши својата проповед во која зборуваше за потребата од единство во Црквата, но исто така предупреди на опасностите од религиозната пропаганда.

„Браќа и сестри, би сакал нашата прва голема желба да биде за обединета Црква, знак на заедништво што станува движечка сила за помирен свет“, рече тој на италијански јазик.

Зборувајќи за „службата на Петар“ – ученикот на Исус Христос, на чиј гроб, според верувањето, се наоѓа Ватикан – тој истакна дека таа „се карактеризира со љубов што се дава без резерва“.

„Бидејќи Римската црква води во љубов, а нејзиниот вистински авторитет е љубовта Христова, таа никогаш не смее да се занимава со освојување на другите со сила, религиозна пропаганда или моќ“, додаде тој.

„Секогаш само се работи за љубовта – онака како што Исус го правеше тоа“.

Во продолжение на говорот, папата Лео го критикуваше глобалниот економски систем кој, како што рече, „ја експлоатира Земјата и ги турка најсиромашните на маргините“.

Тој, исто така, предупреди на опасноста од централизирање на моќта во рамките на папската функција, велејќи дека ќе се стреми да владее без никогаш да подлегне на искушението да стане автократ.

На крај, тој ги повика верниците да останат „заедно како еден народ“, да „одат кон Бога и да се сакаат едни со други“.

Литургиската служба започна во 10 часот пред базиликата Свети Петар во Ватикан, а на неа присуствуваа делегати од 150 земји и десетици илјади верници, пренесуваат медиумите.

На Папата му беа врачени официјалните симболи на неговата папска функција – на прстот му беше ставен рибарски прстен, што ја симболизира врската на Папата со Свети Петар. Прстенот се уништува или крши по смртта на папата.

Пред тоа, тој го доби палиумот, одело од бела волна, што ја симболизира улогата на папата како овчар на верниците.

Папата пред мисата првпат се провози со папамобилот низ плоштадот Свети Петар, кога ги поздрави верниците. Камбаните на базиликата биеја додека папамобилот полека минуваше низ плоштадот.

Верниците вееја перуански, американски, ватикански знамиња, како и знамиња на други држави.

Меѓу официјалните лица кои присуствуваа на мисата се американскиот потпретседател Џеј Ди Венс со неговата сопруга и американскиот државен секретар Марко Рубио, австрискиот канцелар Кристијан Штокер, канадскиот премиер Марк Карни, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, францускиот премиер Франсоа Бајру, германскиот канцелар Фридрих Мерц.

На мисата присуствуваат и италијанскиот претседател Серџо Матарела и премиерката Џорџа Мелони, израелскиот претседател Исак Херцог, украинскиот претседател Володимир Зеленски, руската министерка за култура Олга Љубинова.

Подготвено од М.Д.

About Author