STRUJA BROILO

30.05.2025 Скопје

Инженерите на РС Македонија, повикувајќи се на новиот Закон за енергетика, кој влезе на сила, сметаат дека сите сметки за електрична енергија од 29 мај 2025 година мора да се базираат исклучиво на реални податоци од мерниот уред. Секое паушално фактурирање без технички утврдена причина за неисправност на мерниот уред ќе се смета за незаконско.

Ова значи дека фактурирањето мора да се заснова на реално извршено мерење, односно на податоци прибрани од мерниот уред преку отчитување од страна на операторот. Ова е експлицитно утврдено во член 185 став 1, според кој мерењето се врши преку мерен уред, а отчитувањето го врши операторот на системот. Според ставот 2 од истиот член, доколку мерењето не е можно, фактурата може да се издаде врз основа на претпоставена вредност, но само ако не е можно мерењето.

Членовите 167, 185 и 189 од Законот за енергетика го дефинираат мерењето како активност што мора да резултира со реален и точен податок добиен преку мерен уред. При тоа мора да се има предвид дека „мерење“ значи технички процес на регистрирање на потрошената електрична енергија преку мерен уред кој е стандардизиран и проверен, а „отчитување на мерен уред“ е акцијата на прибирање на измерените податоци од мерниот уред од страна на операторот (рачно или автоматски), која потоа служи како основа за фактурирање.

Исклучоци кои го оправдуваат издавањето на фактури врз основа на претпоставена вредност се дозволени само кога мерењето не може да се изврши поради техничка неисправност или оштетување на мерниот уред. Секое друго отстапување, особено она кое произлегува од субјективни причини како неотчитување, организациски пропусти, непојавување на службено лице или административен пропуст, веќе не претставуваат дозволен основ за паушално фактурирање.

Според Инженерите на РС Македонија, продолжувањето на примената на членот 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија (дозволува фактурирање врз основ на проценета потрошувачка) во момент кога стапува во сила новиот Закон за енергетика, е во директна спротивност со членот 185.

Евентуалната неговата понатамошна примена нема да претставува само технички пропуст, туку ќе е сериозна повреда на уставните и законски заштитени права на потрошувачите. Регулаторната комисија, како надлежен орган е должна да обезбеди примена на новиот закон и да го спречи понатамошното оштетување на граѓаните. Примената на член 31 од подзаконскиот акт и дозволувањето на фактурирање врз основ на проценета потрошувачка кога не е извршено отчитување, а без притоа да се бара техничка причина за неисправноста на мерниот уред е правно неодржливо, бидејќи согласно член 51 од Уставот сите прописи мора да бидат во согласност со законите, а подзаконските акти губат правна сила кога им се спротивставуваат – велат од Инженерите на РС Македонија.

Затоа бараат од Регулаторна комисија за енергетика веднаш да го укине членот 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија, поради негова директна спротивност со член 185 од новиот Закон за енергетика.

Поради тоа, од вчера неговата примена е правно недозволива. Истовремено, бараме постапката за измена на Правилата за снабдување со електрична енергија, започната на 20 март 2025 година веднаш да заврши со формална одлука за укинување на овој член. Исто така бараме да спроведе вонреден надзор над работењето на ЕВН, како оператор на електродистрибутивниот систем и снабдувач со електрична енергија, со цел утврдување дали и по стапувањето во сила на новиот закон се применува незаконската пракса на фактурирање врз основа на проценета потрошувачка. Од РКЕ бараме и да објави јавен повик до потрошувачите со кој ќе ги повика да пријавуваат фактури што не се засноваат на реално измерена потрошувачка, во согласност со член 32 од Законот за заштита на потрошувачите – потенцираат од Инженерите на РС Македонија.

Оттаму нагласуваат дека доколку се утврди дека се работи за суштинска и континуирана повреда на овие обврски, бараат Регулаторна комисија да покрене иницијатива за раскинување на договорот за купопродажба на 90% од акциите на ЕСМ, склучен со ЕВН Австрија во 2006 година.

Подготвено од М.Д.

About Author