https://www.facebook.com/narodnatabanka/photos/2873197399652600

08.05.2025 Скопје

На 21 мај ќе се гласа за избор на нов гувернер на Народна банка на РС Македонија.

Според сознанијата, во игра се четворица кандидати за човекот кој во следните седум години ќе раководи со првата монетарна куќа во земјава.

Станува збор за актуелната гувернерка Анита Бежоска Ангеловска, потоа поранешните министри за финансии, Зоран Ставрески и Трајко Славески, како и за Маја Кадиевска Војновиќ, актуелна членка на Надзорниот одбор на КИБС.

Првата опција е да биде реизбрана сегашната гувернерка Анита Бежоска Ангелоска. Таа во изминатите седум години докажа дека е компетентна и професионална, а успеа да се справи и со големата инфлација која беше предизвикана и во светот и во РС Македонија поради војната во Украина. И не само тоа, туку и да се зголемат заштедите во банките во денари, наспроти оние во странска валута. Се воведоа и серија законски измени во насока на зајакнување на стабилноста на банкарскиот сектор во земјава. Во овој нејзин мандат РС Македонија направи историски чекор во делот на прекуграничните плаќања, односно стана членка на СЕПА.

Гувернерката Бежоска има право на реизбор за уште еден мандат од седум години согласно законските прописи.

Гувернерот се бира на предлог на претседателот на државата, во случајов тоа е претседателката Гордана Силјановска Давкова, а се избира во Собранието на РС Македонија, за што се потребни 61 глас, односно мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието на РС Македонија.

Гувернерот има основна задача да ја претставува НБМ, ги претставува монетарната и политиката на девизен курс, одлучува за издавање дозволи на финансиски институции, ги одзема дозволите, ги контролира банките и слично.

Се очекува предлогот за гувернер набргу да пристигне во законодавниот дом.

Зоран Ставрески својата кариера ја почна токму во Народна банка на РС Македонија, по што стана државен секретар, а потоа и министер за финансии и вицепремиер за економски прашања во владите на Никола Груевски. Работеше и за Светска банка во Вашингтон пред да почне да извршува високи владини функции, од кои поднесе оставка после 10 години, за која како причина беше наведена здравствената состојба.

Трајко Славески е професор на Економскиот Факултет и актуелен претседател во Советот на град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој во првата Влада на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година беше министер за финансии, но потоа ја напушти таа владејачка гарнитура.

На Маја Кадиевска Војновиќ Народна банка исто така и е позната средина, каде помина долги години на раководни позиции. Во моментов е членка на Надзорниот одбор на КИБС, како и член на НО на Стопанска банка Битола. Таа беше и членка на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ.

Подготвено од М.Д.

About Author