
06.05.2025 Скопје
И покрај поскапувањето и станувањето се понеисплатлива инвестиција, Македонецот и натаму многу повеќе преферира да си кипи половен автомобил, наспроти нова кола. И годинава многу повеќе од минатата.
Според податоците на Царинската управа на РС Македонија, во првите четири месеци од годинава расте увозот на половни автомобили во однос на истиот период од минатата година, а се намалува увозот на нови коли.
Или, бројките говорат дека од јануари заклучно со крајот на април годинава, од странство се увезени 24.023 употребувани коли, додека, пак, во истот период лани бројката на тој увоз изнесува 18.328 половни возила.
Гледано по месеци, годинава води март по набавка на стари возила, и тоа увезени се 8.375 возила, потоа во април се увезени 5.666, а слична е бројката и во февруари, односно 5.560, додека, пак, најслаб бил јануари, со 4.422 увезени половни автомобили.
Во истиот период лани, пак, увозот бил следен – јануари се увезени 3.367 користени возила, во февруари 4.658, во март увозот изнерсувал 4.906, за во април таа месечна бројка да се зголеми на дури 5.397 користени автомобили.
Во првите четири месеци од годинава Царинската управа регистрирала намалување на бројот на увезени нови коли во однос на истиот период од минатата година.
Имено, од јануари заклучно со крајот на април годинава во земјава се увезени 3.911 нови автообили, што е помалку за 146 во однос на истиот период од минатата година, кога биле увезени 4.057 нови возила.
Во јануари годинава узвозот на нови коли добро тргнал и се набавиле 735 коли, наспроти 583 во истиот месец лани. Затоа, пак, годинашниов февруари бил послаб, со 1.035 увезени нови коли, наспроти 1.164 во февруари лани. Во март годинава се увезле 978 нови автомобили, наспроти 1.064 во ланскиот март, и во април годинава Македонците купиле 1.163 нови коли, додека во април лани таа бројка изнесувала 1.276 набавени нови автомобили.
Солидно половно возило со старост од десет години вреди најмалку 7.000 евра на пазарот на употребувани возила во РС Македонија. Ако до пред неколку години можеше да се најде автомобил во добра состојба за 3.000 евра, сега тоа е мислена именка.
Во меѓувреме се променија и регулативите на Царинската управа, со кои идејата беше наместо да и плати на државата данок за толку старо возило, купувачите да си ги вложат парите за да си купат поново возило со помала емисија на СО2, со помала амортизација и возило кое помалку загадува.
Една од причините за високата цена на половни возила во земјата е и тоа што се многу високи давачките кон државата, а тоа може да се види и од Данокот на моторни возила кој го наплаќа Царинската управа.
Увозниците од специјализирани фирми за продажба од скопскиот регион, рекоа дека учеството на административните давачки во цената на овие автомобили е доста висока, особено во последно време.
Во првите четири месеци од годинава во Хрватска биле продадени речиси 24.000 нови возила, а Шкода, Рено и Фолксваген биле водечки, а продадено беше и едно Ферари.
Интересно е да се напомене дека во април во Хрватска било продадено едно Ферари, додека кинескиот производител BYD ги забележал своите први продажби од 19 возила на хрватскиот пазар. Тесла регистрирал продажба на само седум возила во истиот месец.
Подготвено од М.Д.