cde25_yugo-1-696x392

09.05.2025 Скопје

Американците му ја доделија титулата на најлош автомобил во историјата (покрај сите нивни утки на четири тркала), а ни остатокот од светот нема многу подобро мислење за него, но за сите нас пораснати во поранешна Југославија, шансите да го сакаме југото се големи, па дури и ако се сложиме дека беше ужасен автомобил.

Се продаваше под голем број имиња, како застава југо 45, застава корал 1.1/1.3, југо корал 45/55/60/65, југо темпо 1/0/1.1/1.3, и на крајот југо ГВ/ГВС/ГВХ, а од фабричките ленти во српски Крагуевац излегуваше од 1980 до 2008 година. Во тој период беа испорачани 794.428 примероци, од кои 141.651 возило за американскиот пазар, и тоа во периодот од 1985 до 1992 година. Беше испратен во (заслужена) пензија кога Фиат ја презеде контролата над српската фабрика на возила и мислевме дека тоа е крајот.

Меѓутоа, пред неколку месеци се појави веста дека повторно ќе го видиме во сериско производство. Заживеаниот проект на новото југо сега го предводи професор доктор Александар Бјелиќ од Германија, маркетиншки експерт со децениско искуство. Бјелиќ ги купил правата на името југо (Yugo) и се здружил со српскиот дизајнер Дарко Марчета за на автомобилот да му даде современ изглед, но да остане верен на корените. Целта е да се создаде автомобил кој ќе го задржи духот на оригиналот, но ќе ги исполни современите стандарди.

Бјелиќ е роден во Германија и никогаш не живеел во поранешна Југославија или во Србија. Во последните години сè повеќе го привлекува земјата од која потекнува, а како колекционер на класични и спортски автомобили, па и модели на Застава, одлучил да ја заштити марката со дефинитивна цел да го врати југото, не само како марка туку и како возило.

Првите цртежи на автомобилот покажуваат дека ќе го задржи дизајнот со две/три врати, како претходникот, спојувајќи модерни и ретро елементи. Новото југо ќе има слични димензии како оригиналот, но ќе ги има сите современи системи. Имајќи предвид дека безбедносните стандарди денес се значително поостри отколку во времето на оригиналното југо, столбовите на новиот модел ќе бидат значително подебели.

Се планира првата верзија на автомобилот да има мал мотор со внатрешно согорување, на пример 1,2-литарски бензинец, за цената (и потрошувачката) да остане ниска. Сепак, за подоцна се размислува за електрифицирана или електрична варијанта, за да се понуди модерна опција, но со задржување на достапноста.

Има голема разлика меѓу дизајнирање нов автомобил и негово создавање во реалноста. Голем број автомобилски стартап компании не успеале да комерцијализираат нови модели, па и новото југо би морало да биде успешно на пазарот (да се продава) за да опстане марката. Оживеаното југо со себе носи доза носталгија, но се соочува и со предизвикот на прилагодување на современите потреби и барањата на пазарот.

На собирот Кар дизајн, одржан во Минхен на крајот на април, беше прикажан првиот модел во размер на новото југо, а првиот впечаток е исклучително позитивен. Овој хечбек има сличности со оригиналниот модел во компактните димензии, коцкестиот облик и минималистичкиот дизајн. Моделот е дело на Марчета во размер 1:5.

Автомобилот во размер 1:1 ќе дебитира на специјализираната изложба Експо во 2027 година во Белград и би требало да биде во возна состојба. Иако задржуваме доза на скептицизам, искрено се надеваме дека Бјелиќ ќе ги исполни очекувањата и дека југото повторно ќе го гледаме на патиштата.

Подготвено од М.Д.

About Author