google vestacka intelegencija

26.05.2025 Скопје

Компанијата „Гугл“ претстави низа новитети кои треба да го олеснат интернет-пребарувањето и да овозможат подобри резултати во пребарувањето.

Начинот на кој пребаруваме информации на интернет брзо се менува, а тоа го знаат и во компанијата „Гугл“, која својот бизнис го изгради токму врз основа на интернет-пребарувањето. Но, и на компанијата ѝ е јасно дека иднината значи сè помалку класично „гуглање“, а сè повеќе разговор со вештачка интелигенција, која директно ќе ни дава конкретни одговори без потреба самите да ги бараме на линковите што ни ги нуди пребарувачот.

За да не ги бараме тие одговори преку „Чет-ГПТ“ или други чет-ботови базирани на вештачка интелигенција, „Гугл“ уште претходно најави интегрирање на вештачка интелигенција во својот пребарувач. Оваа недела „Гугл“ најави дека режимот со вештачка интелигенција за пребарување веќе е достапен за сите корисници во САД.

Овој режим, кој се користи преку посебен дел во „Гугл“, е наменет за посложени пребарувања од класичното. На пример, ако сакате да споредите различни модели на телефони, телевизори или други уреди, оваа алатка може да ви даде целосен преглед со предности, недостатоци, цени и сл.

Длабинско пребарување

Како што објаснуваат од „Гугл“ на својот официјален блог, ова е само вовед во она што следува. Кога ќе се добијат доволно повратни информации од корисниците, многу од можностите на овој режим ќе бидат имплементирани директно во основното пребарувачко искуство. Тоа значи нови функции кои ќе обезбедат уште попрецизни и порелевантни одговори.

Дополнително, „Гугл“ најави и нови можности за режимот како алатки за онлајн шопинг, споредба на цени и изработка на персонализирани графикони поврзани со финансии и спорт.

Во иднина се очекува и функцијата за длабинско пребарување со која „Џеминај“ (моделот на вештачка интелигенција на „Гугл“) ќе има повеќе време да изработи сеопфатни извештаи за одредени теми. Исто така, наскоро ќе биде вклучена и опцијата базирана на проектот „Маринер“, која „Гугл“ ја тестира од минатата година, а се однесува на агенти на вештачката интелигенција кои ќе извршуваат задачи наместо корисникот. На пример, ако сакате да купите билет за спортски настан или концерт, агентот прво ќе ја пребара мрежата за најдобра понуда, па потоа ќе ја изврши самата купопродажба. Подоцна, оваа можност ќе се прошири и за резервации во ресторани и слично.

Сите овие новитети, како и други што ќе следуваат, најпрво ќе бидат достапни во фаза на тестирање, а потоа и за сите корисници.

Подготвено од М.Д.

About Author