kina-sad

12.05.2025 Скопје

САД и Кина ги завршија дводневните трговски разговори во Женева со позитивен исход, најавувајќи заедничка изјава што ќе биде објавена подоцна во текот на денот. Американските претставници го истакнаа постигнувањето договор што ќе го намали трговскиот дефицит на САД, додека кинеските претставници изјавија дека страните постигнале важен консензус и се согласиле да започнат нов форум за економски дијалог.

По завршувањето на преговорите, ниту една страна не објави никакви детали. Кинескиот вицепремиер Хе Лифенг изјави дека заедничка изјава ќе биде објавена во Женева во понеделник. Заменик-министерот за трговија Ли Ченгганг рече дека тоа ќе содржи „добри вести за светот“.

Кога беше прашан за точниот момент на објавување на заедничката изјава во понеделник, Ли Ченганг, преговарач за меѓународна трговија на Кина и заменик-министер за трговија, одговори со кинеска поговорка: „Ако храната е вкусна, времето за сервирање не е важно“.

„Без разлика кога ќе биде објавена оваа изјава, тоа ќе биде одлична и добра вест за светот“, рече Ли.

Изјавата доаѓа откако високи претставници од двете земји ги опишаа разговорите како конструктивни, со постигнат „важен консензус“ и договор за воспоставување нов механизам за економски дијалог.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент и трговскиот претставник Џејмисон Грир ги опишаа разговорите како „продуктивни“ и го истакнаа „значајниот напредок“, додавајќи дека деталите ќе бидат објавени во понеделник.

Во одделни изјави за новинарите, ниту една страна не го спомена договорот за намалување на американските тарифи од 145% за кинеските стоки или кинеските тарифи од 125% за американските стоки.

Грир и Бесент не одговорија на прашањата на новинарите. Американскиот секретар за финансии претходно изјави дека овие тарифи претставуваат трговско ембарго меѓу двете најголеми економии во светот и дека тие треба да се „намалат“.

Грир го опиша заклучокот од состаноците во Женева како „договор постигнат со кинеските партнери“ што ќе помогне во намалувањето на американскиот глобален трговски дефицит од 1,2 трилиони долари.

„Како што истакна министерот, ова беа многу конструктивни два дена“, рече Грир. „Важно е да се разбере колку брзо успеавме да постигнеме договор, што покажува дека можеби разликите не беа толку големи како што се мислеше“, додаде тој.

Вицепремиерот Хе, зборувајќи со новинарите во кинеската мисија во Светската трговска организација, ги опиша разговорите како „искрени, длабински и конструктивни“ за прашања од интерес за двете земји.

„На состанокот беше постигнат значителен напредок и беше постигнат важен консензус“, рече тој, предизвикувајќи аплауз од голем број кинески претставници присутни во канцеларијата на СТО.

Тој се сретна и со генералната директорка на СТО, Нгози Оконџо-Ивеала, која рече дека е „задоволна од позитивниот исход“ од разговорите и ги повика двете земји да го искористат моментумот за ублажување на трговските тензии.

СТО претходно пресуди против царините на Трамп за кинески стоки, но случаите се заглавени во парализираното апелационо тело на СТО поради блокадата на САД за назначување судии.

Таа додаде дека САД и Кина се согласиле да воспостават нов механизам за консултации за трговски и економски прашања, а релевантните детали ќе бидат финализирани што е можно поскоро.

Подготвено од М.Д.

About Author