
14.05.2025 Скопје
Јапонскиот производител на автомобили „Нисан Мотор Ко“, кој се соочува со тешкотии, планира да отпушти околу 20.000 работни места низ целиот свет.
Тоа е за повеќе од 10.000 повеќе од претходно најавеното намалување на бројот на вработени од минатата есен, изјави во понеделник извор запознаен со ситуацијата.
Овој план предвидува намалување на работната сила за околу 15 проценти од вкупниот број вработени во компанијата. „Нисан“ треба да ги објави финансиските резултати за фискалната година што заврши во март во вторник, а посебно внимание ќе се посвети на влијанието на повисоките царини за автомобили што ги наметна американскиот претседател Доналд Трамп.
Компанијата, исто така, размислува за затворање на една од своите домашни фабрики како дел од напорите за оптимизирање на производствениот капацитет поради падот на продажбата, изјави истиот извор.
Во ноември, Нисан објави планови за намалување на 9.000 работни места во Јапонија и во странство, како и намалување на глобалниот производствен капацитет за 20 проценти до фискалната 2026 година, поради континуирани деловни проблеми во САД и Кина.
Во февруари беше објавено дека компанијата планира да ја затвори фабриката во Тајланд, како и уште две фабрики, без дополнителни детали.
„Нисан“ моментално има пет фабрики за склопување возила во Јапонија, а поранешниот извршен директор Макото Учида претходно изрази посветеност на одржување на домашното производство.
Се очекува планот за затворање на домашната фабрика да наиде на силен отпор од синдикатите и другите засегнати страни, што веројатно ќе го комплицира процесот на координација.
Минатиот месец, компанијата прогнозираше нето загуба од 700 до 750 милијарди јени за фискалната 2024 година поради трошоци за реструктуирање, што би била најголемата годишна нето загуба во историјата на компанијата.
„Нисан“ ја преиспитува својата инвестициска стратегија под водство на новиот извршен директор Иван Еспиноза, кој ја презеде функцијата на 1 април.
Компанијата минатата недела објави дека се откажува од плановите за изградба на фабрика за батерии за електрични возила во префектурата Фукуока, само неколку месеци откако потпиша договор со локалните власти за спроведување на проектот.
„Нисан“ се обиде да се здружи со конкурентот „Хонда мотор“, но разговорите пропаднаа во февруари откако „Хонда“ предложи „Нисан“ да стане негова подружница, предизвикувајќи негодување од одборот на производителот со седиште во Јокохама.
Подготвено од М.Д.