
22.05.2025 Скопје
Народната банка на Република Северна Македонија денеска објави дека анализирано на годишно ниво, вкупните депозити бележат раст од 11,6 проценти што произлегува од повисоките депозити на двата сектора, со поизразен придонес на депозитите на секторот „домаќинства“.
На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 11,8 проценти како резултат на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Монетарни движења во Република Северна Македонија: Во април 2025 година, паричната маса (монетарниот агрегат М3 1,2) оствари месечно зголемување од 0,7%, пред сè поради растот на депозитните пари, при забележан раст и на долгорочните депозити до две години и на готовите пари во оптек, во услови на пад на краткорочните депозити. Анализирано на годишно ниво, паричната маса бележи раст од 10,0%, поради зголемувањето на депозитните пари, долгорочните депозити до две години, краткорочните депозити и готовите пари во оптек, се наведува во соопштението.
Вкупните депозити во април, се зголемени за 0,4% на месечна основа, во целост како резултат на растот на депозитите на секторот „домаќинства“, додека депозитите на корпоративниот сектор, се додава во соопштението, забележаа намалување. Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 11,6%, што се должи на зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“.
Почнувајќи од јуни 2018 година, се подвлекува во соопштението, Народната банка го користи монетарниот агрегат М3 како нова стандардна дефиниција за паричната маса. За аналитички цели и натаму ќе се пресметува и ќе се објавува монетарниот агрегат М4. Монетарниот агрегат М1, појаснуваат, го сочинуваат готовите пари во оптек и депозитните пари. Монетарниот агрегат М2 е составен од монетарниот агрегат М1 заедно со краткорочните депозити, додека монетарниот агрегат М3 (паричната маса), покрај монетарниот агрегат М2, ги вклучува и депозитите со достасаност од една до две години. Следствено, монетарниот агрегат М4 ги содржи монетарниот агрегат М3 и долгорочните депозити со достасаност над две години.
Вкупните депозити ги сочинуваат сите депозити вклучени во монетарниот агрегат М4, коишто им припаѓаат на корпоративниот сектор, домаќинствата, останатите финансиски институции, непрофитните институции коишто им служат на домаќинствата и локалната самоуправа.
НБ соопшти дека во април 2025 година, вкупните кредити, бележат раст од 0,8% и 11,8%, на месечна и на годишна основа, соодветно. Промената кај двете основи е резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.
Подготвено од М.Д.