
13.05.2025 Скопје
Глобална платформа за следење на гладот објави извештај дека целото население на Газа продолжува да се соочува со критичен ризик од глад, додека половина милион луѓе се соочуваат со смрт од глад.
Платформата Интегрирана фазна класификација на сигурноста на храната (ИПЦ) ги опишува наодите од истражувањето како големо влошување од последната процена во октомври.
„Добрата неопходни за преживување на луѓето или се исцрпени или се очекува да се исцрпат во наредните недели… Целото население се соочува со високи нивоа на акутна несигурност на храната“, се вели во извештајот на ИПЦ.
Според него, 470.000 луѓе во Газа се соочуваат со катастрофален глад (ИПЦ-фаза 5), а целото население се соочува со акутна несигурност во однос на храната. Извештајот, исто така, предвидува алармантна бројка од 71.000 деца и повеќе од 17.000 мајки што ќе имаат потреба од итен третман за акутна неухранетост. Во почетокот на 2025 година, агенциите проценија дека на 60.000 деца ќе им треба таков третман.
Во последниот извештај се анализира периодот од 1 април до 10 мај годинава и се даваат проекции за состојбата до крајот на септември, според резимето на клучните наоди.
„Семејствата во Газа гладуваат додека храната што им е потребна седи на границата. Не можеме да им ја донесеме поради обновениот конфликт и целосната забрана за хуманитарна помош воведена во почетокот на март“, рече извршната директорка на Светската програма за храна на ОН, Синди Мекејн. „Императив е меѓународната заедница да дејствува итно за повторно да дојде до помош во Газа. Ако чекаме додека гладот да биде потврден, веќе ќе биде доцна за многу луѓе“.
Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) ја опиша хуманитарната ситуација во Газа како криза „надвор од секоја замисла“.
„Воздушните напади, блокадите и гладот продолжуваат, со десетици илјади убиени и повредени“, се вели во објавата на агенцијата на мрежата Икс.
„Раселените семејства се соочуваат со колапс на инфраструктурата, прелевање на канализациите и празни пазари. Опсадата мора да заврши за да се обезбеди испорака на виталните хуманитарни и комерцијални материјали за Газа“, се додава.
Подготвено од М.Д.