
27.05.2025 Скопје
Франција би можела да се соочи со сериозен недостиг на буџетски средства до 2027 година доколку не се преземат итни мерки за ограничување на јавната потрошувачка, предупреди францускиот Државен ревизорски суд.
Во вчерашниот извештај на ревизорите, кој го пренесуваат денеска француските медиуми, како главна причина за зголемениот дефицит се наведуваат широките социјални програми. Само во 2024 година, социјалниот фонд забележал дефицит од 15,3 милијарди евра, а за 2025 се предвидува минус од 22,1 милијарда евра.
Судот проценува дека овој дефицит може да биде и поголем, бидејќи владините прогнози за раст и фискални заштеди се оценети како претерано оптимистички.
Мора повторно да ја преземеме контролата. Во последните години, особено во 2023 и 2024, ја изгубивме контролата врз јавните финансии, изјави претседателот на Судот, Пјер Московиси.
Буџетскиот дефицит во 2024 достигнал 5,8 проценти од БДП, значително над лимитот од три проценти поставен од Европската Унија. Владата најавува план за намалување на дефицитот на 5,4 проценти во 2025 и постепено до три проценти до 2029.
Минатата недела ММФ ѝ препорача на Франција да ги намали социјалните трошоци и дополнително да го реформира пензискиот систем.
Подготвено од М.Д.