
12.05.2025 Скопје
Вековниот сон на алхемичарите сега го остварија физичарите од ЦЕРН, претворајќи го олово во злато, макар и само за дел од секундата.
Трансмутацијата, или трансформацијата на еден хемиски елемент во друг, отсекогаш го привлекувала вниманието на учените луѓе, од филозофи до алхемичари. Замислете само колку би било убаво да се добие скапоцено злато од евтино, изобилство олово.
Црпејќи инспирација од филозофските погледи на Аристотел, алхемичарите веруваа дека сличните густини на двата елементи значат дека оловото е „болно“ и може да се излечи или рафинира преку трансмутација во скапоцено злато.
Меѓутоа, разликата во бројот на протони на овие два елементи – 82 за олово во споредба со 79 за злато – ја направи оваа задача невозможна. Барем што се однесува до хемиските процедури.
Физичарите во Големиот хадронски судирач, сепак, успеаја да го постигнат овој подвиг со насочување на снопови олово еден кон друг, со брзина речиси еднаква на брзината на светлината.
Додека патуваат, наместо директно да се судираат, јоните повремено се допираат еден со друг. Кога тоа ќе се случи, интензивното електромагнетно поле околу јонот создава енергетски пулс што предизвикува дојдовното оловно јадро да отфрли три протони – станувајќи злато.
Експертите кои работат на детекторот ALICE во рамките на Големиот хадронски судирач ги издвоија овие случаи на трансмутација кои се случиле за време на судири на честички.
Во анализата објавена на 7 мај, тимот пресметал дека меѓу 2015 и 2018 година, судирите во Големиот хадронски судирач создале 86 милијарди златни атоми – околу 29 трилионити дел од грамот.
Повеќето од новоформираните нестабилни златни атоми би траеле околу една микросекунда пред да удрат во ѕидовите на експерименталниот апарат или да се распаднат во други постабилни честички.
„Импресивно е да се види дека нашите детектори можат да издржат директни судири кои произведуваат илјадници честички и во исто време да бидат доволно чувствителни за да детектираат судири каде што се произведуваат само неколку честички. Ова ни овозможува да ги проучуваме ретките процеси на електромагнетна нуклеарна трансмутација“, вели Марко ван Леувен, портпарол на експериментот ALICE.
Подготвено од М.Д.