
28.05.2025 Скопје
Европскиот парламент (ЕП) е пред усвојување на извештај за напредокот на РС Македонија кон ЕУ, кој ќе содржи признавање на македонскиот идентитет и јазик на четири места. Ова ќе биде второто законодавно тело во Европа по германскиот Бундестаг, кој донесе одлука за македонскиот јазик на 15 јуни 2023 година.
Признанието треба да биде наведено во следниот извештај на Европскиот парламент за напредокот на РС Македонија кон ЕУ, кој треба да биде усвоен во јули. Признавањето на јазикот и идентитетот било постигнато откако главниот известувач – Австриецот Томас Вајц од Зелената партија – постигна консензус со другите седум известувачи „во сенка“ што ги претставуваат политичките семејства во ЕП.
Зелената партија на известувачот Томас Вајц е коалициски партнер со партијата Европска слободна алијанса – ЕФА. ЕФА ги претставува интересите на малцинствата кои бараат регионална автономија, самоуправа или независност во рамките на ЕУ. Меѓу членовите на ЕФА се и забранетата партија ОМО „Илинден“ – Пирин во Бугарија и РС Македонската алијанса за европска интеграција во Албанија – МАЕИ.
Бугарски медиум го проверувал регистарот на состаноците на Европскиот парламент според кој од неговото назначување за известувач, Томас Вајц одржал 36 состаноци со властите на РС Македонија и ниту еден со организациите на Бугарите во РС Македонија.
Над 40 предлози за извештајот биле дадени од бугарските европратеници Андреј Ковачев – ГЕРБ и Ивајло Валчев – ИТН. На денот кога започнаа преговорите, на покана на самиот Вајц, 15 пратеници од РС Македонија одржаа состаноци во зградата на ЕП, а претходно, на 12 мај, истото го стори и министерот за европски прашања Орхан Муртезани. Томас Вајц организираше официјален ручек за македонските пратеници со „известувачите во сенка“, на кој бугарските пратеници не биле поканети.
Како резултат на постапките на Томас Вајц и успешните лобистички напори на Скопјe, речиси сите текстови на бугарските европратеници беа отфрлени од известувачите, но беа усвоени шест предлози ЕП да го признае македонскиот идентитет и јазик.
Резервите на Бугарија во однос на македонскиот јазик, кој официјално беше кодифициран во 1945 година, се целосно отсутни од извештајот.
Подготвено од М.Д.