
05.05.2025 Скопје
Граѓаните на еврозоната би биле подготвени да бараат алтернативи на американските производи доколку САД воведат царини за производи од Европската Унија, покажа истражувањето на Европската централна банка (ЕЦБ).
На почетокот на април, американскиот претседател Доналд Трамп објави „реципрочни“ царини за трговските партнери со кои САД имаат континуиран трговски дефицит.
Увозот од ЕУ би подлежел на дополнителни тарифи од 20 проценти.
Трамп, во меѓувреме, ги одложи царините за 90 дена, велејќи дека сака да обезбеди доволно време за преговори.
Во март, како дел од редовното месечно истражување за очекувањата, ЕЦБ праша 19.000 граѓани на Еврозоната „до кој степен би биле спремни да купуваат други производи наместо американски“ доколку САД воведат царини за увоз од ЕУ, а Унијата возврати со истата мерка.
„Резултатите покажуваат дека потрошувачите се многу спремни да се оддалечат од американските производи и услуги“, заклучија авторите на анкетата на ЕЦБ.
На скала од нула до 100, која се движи од „не сум подготвен/а“ до „многу подготвен/а“, средниот одговор на клиентите бил 80, велат авторите.
Подготвено од М.Д.