indija pakistan

08.05.2025 Скопје

Индиската армија потврди дека 15 цивили загинале во пакистанските прекугранични напади кои се случија синоќа.

При гранатирањето на областите Пунч и Тангдар на територијата на Кашмир под индиска управа повредени се 43 цивили. Индиската армија соопшти дека пакистанските трупи „почнале произволно да гаѓаат“ долж контролната линија, додавајќи дека пропорционално ќе одговори на пакистанските напади.

Армијата на Пакистан соопшти дека во синоќешните индиски напади загинале 26 лица, додека 46 се повредени.

Европската Унија(ЕУ) ги повикува Индија и Пакистан да покажат воздржаност и да преземат итни чекори кон деескалација на состојбата, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ал Ануни.

Ал Ануни најави и дека најновите случувања меѓу Индија и Пакистан ќе бидат тема и на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, што денеска и утре се одржува во Варшава.

Односите ескалираа откако пред извесно време пакистански групи убија туристи во Кашмир, по што Индија се закани со одмазда и тоа го стори, односно врати со напади. Овој регион со децении е спорен и за него Индија и Пакистан и претходно војувале.

Подготвено од М.Д.

About Author