tender gas eu

06.04.2025 Скопје

Европската Унија ќе забрани да се склучуваат нови договори за руски гас до крајот на годината и ќе ги укине постоечките договори со Москва до крајот на 2027, кажаа три извори од Брисел. Ова е во согласност со целите што ЕУ си ги постави по почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022.

Овие законски предлози ќе треба да бидат одобрени во Европскиот парламент.

ЕУ има воведено санкции за руските јаглен и поморски испораки на нафта, но не и за гасот поради противењето од Унгарија и Словачка, кои добиваат гас преку руски гасоводи. Санкциите бараат едногласна поддршка од сите 27 членки на ЕУ.

Европа сѐ уште добива околу 19% гас од Русија преку гасоводот „Туркстрим“ и испораки на течен природен гас. Тоа сепак е значително помалку од 40% како што беше пред почетокот на војната.

Европската комисија ги проценува правните опции за да им дозволи на европските компании да ги прекинат постоечките договори за руски гас без да се соочат со финансиски казни. Засега не е прецизирано како Брисел мисли да го направи тоа. Адвокатите рекоа дека би им било тешко да се повикаат на „виша сила“ и дека купувачите би можеле да се соочат со казни или арбитража.

Подготвено од М.Д.

About Author