KUKA

17.05.2025 Скопје

Помеѓу 2015 и 2024 година, цените на становите во Европската Унија се зголемија во просек за 53%, додека во некои земји се зголемија дури за трипати.

Главните причини за ваквите скокови се повисоките трошоци за изградба, зголемувањето на каматните стапки на станбените кредити, ограничената понуда на станови, како и зголемените купувања на недвижности како инвестиции. Унгарија е лидер во растот на цените, недвижностите таму се до три пати поскапи денес отколку пред десет години. Во Будимпешта, просечната цена на стан се движи од 250.000 до дури 1,5 милиони евра.

Зад Унгарија е Исланд, каде што цените на недвижностите се зголемија за околу 2,5 пати. Во главниот град Рејкјавик, просечната цена на стан е околу 558.000 евра. Според Банката на Исланд, иако понудата се зголемува, а побарувачката слабее, растот на цените се забавува, но цените сè уште се зголемени за 8% на годишно ниво во март 2025 година.

Во други европски земји како што се Литванија, Португалија, Чешка, Бугарија, Естонија и Полска, цените се зголемиле во просек повеќе од двојно во текот на изминатите девет години. Спротивно на тоа, цените на недвижностите во Финска останале речиси исти како и пред десет години, иако постојат големи разлики помеѓу руралните области и Хелсинки. Извештајот „Глобален водич за недвижности“ покажува дека пазарот на недвижности во Финска, кој доживеа годишен пад од 14% во 2021 година, веројатно го достигнал дното и постепено ќе се опоравува, особено за новата градба.

Нема официјални податоци за цените на куќите во Грција, но Банката на Грција вели дека цените во урбаните средини сега се на нивоата од 2008 година.

Надвор од ЕУ, цените на недвижностите во Турција се зголемиле дури 17 пати во последната деценија. Во Истанбул, двособен стан сега чини околу 120.000 евра, што може да изгледа поволно во споредба со Западна Европа, но треба да се земе предвид дека потрошувачките цени се зголемиле за речиси 38%, додека просечната плата е околу 600 евра месечно.

Изнајмувањето куќи и станови, исто така, значително се зголемило низ цела Европа, иако со побавно темпо од цените на недвижностите. Според најновите податоци на Евростат, киријата во ЕУ се зголемила за 26,7% од 2010 до крајот на 2024 година.

Највисок раст на цените за изнајмување е забележан во Естонија (+212%), по што следат Литванија (+175%) и Исланд (+120%). Во Унгарија, цените за изнајмување се зголемиле повеќе од двојно (+114%). Од друга страна, во Грција, кириите се намалиле за 13% во истиот период. Киријата во Турција сега е 8,8 пати поскапа отколку пред десет години.

Покрај цените и кириите на недвижностите, вкупните трошоци за домување, вклучувајќи ги и комуналните трошоци, исто така значително се зголемија. Најголем скок е забележан во Естонија, каде што трошоците се зголемија повеќе од двојно во последните десет години.

Полска и Чешка следат со зголемување од околу 80%. Во просек, во ЕУ, овие трошоци се зголемија за над 40%. Најмал раст е забележан во Шпанија (околу 20%), а уште помал во Албанија, земја која се стреми да се приклучи кон ЕУ.

Според податоците од 2023 година, Ирска е земјата со најскапи трошоци за домување во ЕУ, додека во Франција и Германија тие се малку над просекот, а во Италија и Шпанија малку под просекот на ЕУ. Најевтино е во Малта и Унгарија, додека Бугарија е на дното на листата со трошоци кои се околу 40% од просекот на ЕУ.

Подготвено од М.Д.

About Author