
30.05.2025 Скопје
Околу 75 милиони евра нашата земја досега има добиено од Европската унија за решавање на проблемот со ѓубрето, но реализацијата е бавна. Над 50 милиони евра се грантови се распределни низ различните инструменти на ЕУ како поддршка на локалните и националните структури за управување со отпад, а уште 25 милиони се дадени за инфраструктурни проекти.
На ова не потсети шефот за соработка во делегацијата на Европската унија во Скопје, Стефан Худолин, за време на меѓународната конференција „Патот до одржливо управување со отпад“, што се одржа во Скопје. Тој смета дека недостасува цврсто лидерство од надлежните и вистинска посветеност за да се реши овој горлив проблем кој очигледно станува се поголем, наместо да се намалува.
Тој ја повика деловната заедница и останатите партнери да се приклучат кон моделот на циркуларната економија и да ја подобрат состојбата.
Според него, лидерството е од клучна важност за оваа политика да се претвори во ефективни практики кои ќе ги исполнат сите цели и ќе обезбеди иновации и економска отпорност, наведувајќи дека во сите сегменти е потребна меѓуинституционалната соработка.
Претседателот на Меѓународната организација за управување со отпад, Џејмс Лоу, рече дека време е во Македонија да се елиминираат отворените, диви депонии и да се адаптираат во стандардни кои се добри за животната средина и луѓето, иако тие не се единственото решение.
Според него, отпадот е многу значаен, вреден економски ресурс со огромен потенцијал и воведувањето иновативни решенија во овој сегмент може да значи заштита на животната средина, подобрување на јавното здравје и создавање нови економски можности.
Според него, рециклажата е начин за намалување на отпадот во депониите, но потребно е подигнување на свеста и образование и едукација на јавноста, како и поцврсти регулативи. Лоу смета дека потребни се и казни за незаконско фрлање отпад и поддршка за иновативни технологии за негова обработка.
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити напомена дека Владата останува цврсто посветена на воспоставување одржлив регионален систем за управување со отпад, развој на циркуларна економија преку селекција, рециклирање и повторно искористување на секундарните суровини.
Подготвено од М.Д.