Црна Гора

26.05.2025 Скопје

Црна Гора е блиску до воведување седумчасовен работен ден и одлуката за тоа би можела да се донесе следната недела, најави премиерот Милојко Спајиќ. Премиерот на Црна Гора најави дека министерката за труд и социјална заштита, Наида Нишиќ, следната недела ќе започне разговори со претставници на синдикатите и работодавачите, каде што ќе се искристализира конечната верзија на реформата со која се воведува седумчасовен работен ден.

„По опширно размислување како да се најде модел кој би ги задоволил и синдикатите и работодавачите, можеме да заклучиме дека сме блиску до решение во однос на воведувањето на седумчасовен работен ден“, најави Спајиќ.

Премиерот наведува дека намерата е преку широки консултации да се спроведе една од најголемите реформи во областа на трудот, која има за цел да го подобри квалитетот на животот на граѓаните на Црна Гора и да обезбеди повеќе време за семејствата, како и поефикасна и попродуктивна работа.

„Во согласност и на работодавачите и на синдикатите, конкретни чекори во случајот со реформата на 7-часовниот работен ден ќе бидат преземени исклучиво со целосна поддршка на социјалните партнери“, вели премиерот на Црна Гора.

Подготвено од М.Д.

About Author