
05.05.2025 Скопје
Цените на храната пораснаа во април на највисоко ниво за две години, предводени од значително зголемување на цените на месото, млекото и млечните производи, соопшти агенцијата за храна на ОН (FAO).
Основниот индекс на цените на прехранбената кошничка на ФАО во просек изнесуваше 128,3 поени во април, што е за еден процент повеќе од март. Неговата вредност е највисока од април 2023 година, покажуваат податоците од агенцијата за земјоделство на ООН.
Најостриот пораст на цените на месото се случи во април, за 3,2 проценти повеќе во однос на март, првенствено одразувајќи го скокот на цените на свинското месо.
Млечните производи исто така значително поскапеа, за 2,4 проценти, а путерот достигна највисока цена откако ФАО почна да објавува податоци поради падот на залихите во Европа.
Цените на житото исто така се зголемија, за 1,2 проценти во споредба со март. Цените на пченицата пораснаа само малку, бидејќи намалената понуда од Русија и посилната побарувачка под влијание на послабиот долар, првенствено во однос на еврото, беа компензирани од зголемената неизвесност во трговијата и економијата воопшто.
Цените на пченката се зголемија поради сезонски пониските залихи во САД и движењата на девизниот курс. Растителните масла паднаа за 2,3 проценти во споредба со март поради зголеменото производство во земјите од Југоисточна Азија. Цените на сончогледовото масло останаа на мартовските нивоа.
Во споредба со април минатата година, растителните масла се уште се поскапи за 20,7 проценти.
Цените на шеќерот паднаа за 3,5 проценти во април во споредба со март, под влијание на неизвесните перспективи за глобалната економија и можното влијание на какви било негативни случувања врз побарувачката за шеќер во прехранбената индустрија, најголемиот потрошувач.
Во посебен извештај за понудата и побарувачката на житни култури, ФАО малку ја намали својата проценка за светското производство на житни култури во 2024 година на 4,848 милијарди тони, бидејќи жетвата на пченка беше послаба од претходните проценки.
Во 2025 година, производството на пченица треба да остане на минатогодишното ниво и да изнесува околу 795 милиони тони, бидејќи рекордното производство во Азија треба да се компензира со послабите жетви во Западна Европа и Блискиот Исток поради слабите врнежи од дожд. Жетвата би можела да биде послаба и во САД поради сушата, забележува ФАО.
Производството на ориз во сезоната 2024/2025 треба да достигне 543,6 милиони тони, што е највисоко ниво откако агенцијата на ОН почна да објавува податоци.
Се очекува глобалната потрошувачка на житни култури да достигне врв во сезоната 2024/2025, односно да достигне 2,87 милијарди тони и да биде за еден процент повисоко отколку во ланската сезона, поттикнато од зголемената употреба на пченка во добиточната храна во Кина и Русија. На крајот од тековната сезона во јули, светските залихи на житни култури ќе бидат за 1,9 проценти пониски отколку на почетокот, паѓајќи на 868,2 милиони тони, проценува ФАО, забележувајќи дека бројките сè уште укажуваат на солидни залихи.
Глобалната трговија со жито ќе се намали за 6,8 проценти во тековната сезона, на 478,6 милиони тони, што е најниско ниво од сезоната од пред пет години (2019/2020), пресмета агенцијата, поради намалената побарувачка во Кина. Се очекува меѓународната трговија со ориз да се зголеми за 1,2 проценти на 60,4 милиони тони, што е нов рекорд откако агенцијата почна да објавува податоци.
Подготвено од М.Д.