skopje zagadeno vozduhot ubiec

27.05.2025 Скопје

Проблемот со загадувањето е генерално проблем секаде во светот, но за Скопје како град може да се каже дека е „рак-рана“ која постепено го убива и како урбан средина и како средина за живеење на здрав живот.

Во изминатите десетина години, освен политички флоскули и некакви минорни обиди за да се реши проблемот со аерозагадувањето, не видовме некаков позначаен обид на системски пристап. Од друга страна, на граѓаните не им преостануваше ништо друго освен секоја година да излезат на протест и да го покажат незадоволството. И така повеќе од десет години во круг.

Она што најмногу влијае на сето ова е градежната индустрија и користењето на нееколошки средства за затоплување. Секако тука е и транспортот како еден од најголемите загадувачи. Владата годинава порано ги адресираше дел од овие проблеми.

Вчера во Собранието на Република Северна Македонија се одржа Надзорна расправа на собраниската комисија за здравство на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“, каде што свое излагање имаше и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

На прашање на пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Грација Бакраческа, дали во периодот од денес до следните 9 години, се очекува да има подобрување во квалитетот на воздухот, се прави ли нешто за заштита на децата, најранливите категории, Мицкоски посочи дека сите мерки и проекти кои претходно биле споменати не може да се одвојат на посебни категории на граѓани, туку ги опфаќаат сите.

„Како Влада преземаме драстични мерки во таа насока, посебно тука би сакал да го споменам проектот кој се однесува на финансирање и реалокација на средства од централниот буџет кон општините за финансирање на проекти кои што би значеле токму ваков начин на обезбедување на поздрава животна средина, меѓу кои и обезбедување на вода за пиење преку водоснабдителни системи, посебно од руралните населени места, ретко каде имаме обезбедена вода за пиење, а речиси и никаде немаме организиран систем за одведување на отпадните води, а да не зборам за нивен третман“, вели тој.

Мицкоски додаде дека, исто така и организирани системи за одлагање на смет, тие се многу важни и многу значајни, бидејќи во државата, како што вели, имаме стотици или илјадници диви депонии кои за жал на несовесен начин се одлага сметот, наместо да има еден организиран или неколку организирани системи кои што ќе ги користиме за да го одлагаме тој смет.

Во однос на загадениот воздух Мицкоски истакна дека најголем причинител за таквата состојба е системот на затоплување на домаќинствата, јавните и индустриски објекти.

„Кога станува збор за воздухот и квалитетот на воздухот, најголем причинител е јас би се согласил со вас, е токму тоа што вие го кажавте, системот на затоплување на домови. Но, и на индустриски објекти, јавни објекти. Имаме многу јавни објекти кои што се уште користат фосилни горива за затоплување на самите тие објекти“, истакна Мицкоски.

За решавање на овој проблем премиерот Мицкоски смета дека е потребно да се изградат таканаречени когенеративни гасни централи кои што можат да служат и за производство на електрична енергија и за производство на топлина.

Одговарајќи на друго прашање за тоа како Владата планира да се справи со инертната и градежната прашина истакна дека за решавање на овој проблем единствен начин е да се зголеми дисциплината на оние коишто ја создаваат, а од друга страна граѓаните да пријавуваат доколку забележат вакво девијантно однесување со цел Градежниот инспекторат да излезе на лице место и да го констатира истото.

„Тука единствен начин е да се зголеми дисциплината на тие коишто ја создаваат таа прашина. Тоа се најчесто компаниите коишто вршат градежни активности и мислам дека дисциплината не е на високо ниво“, истакна Мицкоски.

Тој исто така ги охрабри граѓаните да пријауваат доколку забележат девијантно однесување од ваква природа со цел овој проблем да биде надминат.

Премиерот Мицкоски одговараше и на прашање на пратеникот Олга Лозановска за влијанието на транспортот врз загадувањето на воздухот, кој според анализите е втор загадувач. На надзорната расправа се истакна дека железничкиот транспорт не само што е економски најефикасен, туку има и најмали импликации врз загадувањето на воздухот, а дека Владата преземала сет на мерки во таа насока со цел да се набават еколошки модерни средства за јавен превоз и модернизација на железничкиот систем во државата.

„Како Влада отпочнавме и веќе е во завршна фаза, преку Министерството за транспорт, објавување на јавна набавка преку која ќе бидат купени 120 електрични автобуси. Ценам дека тоа е многу важно не само за главниот град, туку и за останатите општини кои имаат организиран јавен градски превоз и истите пропорционално ќе бидат донирани од Владата, се разбира со целосна инфраструктура за полнење на тие автобуси.“, рече премиерот.

Изјавите на Мицкоски наведуваат дека Владата веќе, во најмала рака, размислува како да го реши проблемот со аерозагадувањето и превзема некакви конкретни чекори. Сепак останува отворено прашањето дали тоа ќе биде доволно за веќе нешто да промени за до наесен, или како и секоја есен и зима, скопјани пак ќе се будат во еден од најзагадените градови во Европа.

Подготвено од М.Д.

About Author