donald-tramp-carini

30.05.2025 Скопје

Тарифите наметнати од администрацијата на Доналд Трамп, кои беа поништени од Трговскиот суд на САД претходно оваа недела, ќе бидат привремено вратени во сила додека не се поднесе жалба преку судскиот систем, пресуди федерален апелационен суд.

Одлуката доаѓа откако панел од тројца федерални судии заклучи дека Трамп ги пречекорил своите овластувања со воведување глобални тарифи, повикувајќи се на закон што дозволува итни мерки во политиката за надворешна трговија.

Трговскиот суд вчера пресуди дека претседателот нема законско овластување да воведува сеопфатни тарифи врз основа на Законот за меѓународни економски овластувања за вонредни состојби (IEEPA). Пресудата не ги опфаќа индустриските царински давачки, кои се засноваат на различна законска основа (член 232).

Белата куќа веднаш поднесе жалба, а Апелациониот суд за Федералниот округ одобри привремено одложување на пресудата.

„Барањето за привремено одложување се одобрува до степен до кој пресудите и трајните забрани на Трговскиот суд се привремено одложени до понатамошно известување, додека овој суд го разгледува жалбениот случај“, се наведува во одлуката.

Ова значи дека царините на Трамп остануваат на сила додека трае жалбената постапка.

Подготвено од М.Д.

About Author