
05.05.2025 Скопје
Американскиот претседател Доналд Трамп, продолжувајќи ја својата „царинска војна“, најави дека ќе воведе царини од 100% за филмовите произведени во странство.
Во синоќешната објава на својата платформа Трут сошл Трамп рече дека ги овластил Министерството за трговија и Канцеларијата на трговскиот претставник на САД да воведат царини од 100 отсто за „секој и сите филмови“ што доаѓаат во САД, а се произведени во „странски земји“.
„Филмската индустрија во Америка умира од многу брза смрт“, напиша тој, посочувајќи дека многу земји нудат различни видови стимулации за да ги намамат филмските режисери и студија подалеку од Соединетите Држави. „Ова е заеднички потфат на други нации и затоа претставува закана за националната безбедност. Покрај сѐ друго, ова е праќање пораки и пропаганда!“, рече тој.
Сѐ уште не е јасно како таквата царина би можела да се примени за меѓународните продукции. Честа појава е за големите филмови, но и за некои мали заедно да вклучат продукцијата во САД и во други земји. Високобуџетните филмови, како најновиот „Невозможна мисија – конечна одмазда“, се снимени низ целиот свет.
Стимулативните програми се однесуваат на местото каде што се снимаат филмовите, а филмската продукција сѐ повеќе се сели надвор од Калифорнија во други американски држави и други земји со поволни даночни услови, како што се Канада и Велика Британија.
Сепак, тарифите се наменети да ги привлечат потрошувачите кон американските производи. Во американските кина убедливо доминираат филмовите произведени во Америка.
Подготвено од М.Д.