
19.05.2025 Скопје
Британски планинар во неделата по 19-ти пат стапна на највисокиот врв во светот, планината висока 8.849 метри Монт Еверест на Хималаите, соборувајќи го не само сопствениот рекорд, туку влезе и во книгата на рекорди како алпинист со најмногу искачувања на „Покривот на светот“ кој не доаѓа од редовите на непалските Шерпаси.
Британецот, 51-годишниот Кентон Кул, се искачи на врвот рано утрово и се спушта кон пониските кампови, изјави Раџан Батарај од агенцијата која ги орагнизира искачувањата „Himalayan Guides“.
Неговите колеги алпинисти кои го приружуваа во подвигот го нарекоа рекордот на Кул „легендарен“.
„Неговото искуство, харизма и сила го прават вреден член на заедницата на Еверест“, изјави Адриан Балингер од американската агенција „Alpenglow Expeditions”.
Белингер се искачил на Еверест девет пати, а моментално предводи експедиција од кинеската страна на масивот.
Кул се искачил на Еверест првпат во 2004 година, а во неделата на искачувањето на Сагармата, како што се нарекува Еверест во Непал, го придружуваше шерпата Дорџи Гјалјен, за кого ова беше 23-ти пат да застане на највисоката планина во светот.
Непалскиот шерпас Ками Рита остварил најголем број искачувања на Еверест, дури 30.
Кул се искачи на Еверест преку Југоисточниот гребен, рута позната како Јужно седло. Тоа е стандардната и најпопуларна рута отворена од првите освојувачи на Еверест – Новозеланѓанецот сер Едмунд Хилари и шерпасот Тензинг Норгај во 1953 година.
Синот на Норгај, Џамлинг Тензинг Норгај, исто така се искачи на Еверест во 1996 година во чест на својот татко, заедно со алпинистите Ед Виестуриос и Арасели Сегара.
Подготвено од М.Д.