RABOTNICI

15.05.2025 Скопје

Вработените во Европската Унија минатата година работеле просечно 36 часа неделно, што е намалување во споредба со 2014 година кога просечната работна недела била 37 часа, објави денес Евростат.

Меѓу членките на Европската Унија, најдолги работни недели се регистрирани во Грција со 39,8 часа, Бугарија со 39 часа, Полска со 38,9 часа и Романија со 38,8 часа.

Спротивно на тоа, вработените во Холандија работеле најкратко, во просек 32,1 часа неделно, по што следат Данска, Германија и Австрија со по 33,9 часа.

По индустрии, вработените во секторот земјоделство, шумарство и рибарство работеле најдолго, со просек од 41,2 часа неделно.

Потоа следуваат работниците во секторот рударство и вадење камен со 38,8 часа и градежните работници со 38,7 часа.

Најкратките работни недели се забележани во домашните активности со 26,7 часа неделно, како и во образованието со 31,9 часа и категоријата уметност, забава и рекреација со 32,9 часа, според веб-страницата на Евростат.

Подготвено од М.Д.

About Author