OTKAZ

16.05.2025 Скопје

Американскиот технолошки гигант „Мајкрософт“ објави дека ќе отпушти околу три проценти од својата глобална работна сила, што ќе влијае на илјадници вработени низ целиот свет.

„Продолжуваме да ги спроведуваме потребните организациски промени за најдобро позиционирање на компанијата за успех на динамичен пазар“, изјави портпаролот на „Мајкрософт“.

Компанијата имаше 228.000 вработени низ целиот свет на крајот на јуни, што значи дека новиот бран отпуштања ќе опфати околу 6.800 луѓе.

Ова е најзначајното намалување на бројот на работници во „Мајкрософт“ од 2023 година, кога беа отпуштени 10.000 луѓе.

За разлика од помалата рунда отпуштања во јануари 2025 година, кои беа базирани на перформанси, овие нови отпуштања не се поврзани со перформансите, според портпаролот на компанијата.

И покрај најавата за отпуштање, цената на акциите на „Мајкрософт“ достигна рекордни 449,26 долари на затворањето на тргувањето во понеделник – највисоката цена во 2025 година досега.

„Мајкрософт“, како и многу други големи технолошки компании, се прилагодува на брзите промени на пазарот, развојот на вештачката интелигенција и промените во глобалната економија, и сè повеќе спроведува реструктуирање и оптимизација на персоналот.

Подготвено од М.Д.

About Author