Vucik

25.04.2025 Скопје

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека има идеја да организира голем глобален форум во Белград на кој би се собрале сите светски лидери, и дека за тоа ќе побара поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп, како и од рускиот претседател Владимир Путин.

„Ќе побарам поддршка и од Доналд помладиот и од Доналд постариот Трамп, а ќе побарам и поддршка од претседателот Путин – имам идеја да направам еден голем глобален форум со различни теми следната година што ќе се одржи во Белград“, рече Вучиќ, нагласувајќи дека ова е прв пат да ја објави оваа идеја.

Тој изјави дека добил покана од САД да учествува на Републиканскиот национален комитет на почетокот на мај и нагласи дека ќе ја искористи посетата, меѓу другото, за да побара поддршка од претседателот Доналд Трамп и Трамп помладиот за одржување на глобален форум во Белград следната година.

Вучиќ го изјави ова најавувајќи ја посетата на САД, за време на која очекува да има можност да се сретне со претседателот Доналд Трамп најмалку два или три пати во рок од два или три дена.

На прашањето од новинарите дека тоа значи дека ќе се сретне и со Трамп и со рускиот претседател Владимир Путин за седум дена, Вучиќ рече дека тоа е можно.

Тој додаде дека сè уште нема конечна потврда за средба со Трамп, но дека има потврда за средба со сите важни републиканци.

„А сега ќе видиме како ќе оди“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека смета оти Белград е единственото место кое би можело да ги угости Путин, Трамп, Макрон, Џорџа Мелони, Мерц и многу други на форум со политички теми следната година.

„Значи, никој во светот не е во можност да го стори тоа во моментов и ќе се обидам да ги замолам големите лидери да ми помогнат да го организирам тој самит“, рече Вучиќ.

Претседателот додаде дека би сакал форумот да се одржи помеѓу март и мај следната година, но дека тоа зависи од другите форуми што постојат и од другите обврски.

„Прво сакам да добијам дозвола да организирам таков форум на најголемите светски лидери, а потоа ќе разговарам со сите други. Значи, тоа е исто така една од моите идеи“, рече Вучиќ, кој додаде дека тоа би бил добар вовед во Експо.

Подготвено од М.Д.

About Author