
09.04.2025 Скопје
Соединетите Американски Држави и Русија во четврток во Истанбул ќе разговараат за продолжување на некои активности на амбасадата кои во голема мера се прекинати од почетокот на руската инвазија на Украина, соопшти Стејт департментот.
„Делегациите на САД и Русија ќе се сретнат по втор пат во Истанбул на 10 април за да се обидат да постигнат напредок во стабилизирањето на работата на билатералните мисии“, изјави за новинарите портпаролката на Стејт департментот Тами Брус.
Според неа, на дневен ред нема да има политички или безбедносни прашања, додека Украина „апсолутно не е на дневен ред“.
„Дискусијата ќе биде исклучиво за работата на нашите амбасади, а не за нормализирање на билатералните односи воопшто, што може да се случи само кога ќе се воспостави мир меѓу Русија и Украина“, изјави американската дипломатска портпаролка.
Како што соопшти руското МНР, руската делегација ќе ја предводи рускиот амбасадор во САД Александар Дарчиев, а американската делегација ќе ја предводи заменик-помошникот државен секретар Сонат Култер.
Американците и Русите се состанаа во Истанбул кон крајот на февруари за да разговараат за работата на нивните дипломатски претставништва, во услови на забрзано зближување меѓу Москва и Вашингтон со желба за заживување на билатералните односи и решавање на конфликтот во Украина.
Првите руско-американски преговори од февруари 2022 година беа одржани на 18 февруари во Ријад, само неколку дена по разговорите меѓу руските и американските претседатели Владимир Путин и Доналд Трамп, со кои ставија крај на тригодишната политика на изолација на Вашингтон.
Подготвено од М.Д.