Image by 8photo on Freepik

23.04.2025 Скопје

Во изминатите пет години, глобалната продажба на вино се намалила за 12 проценти, додека просечната цена на шише се зголемила за околу 30 проценти.

Глобалната потрошувачка на вино во 2024 година падна на најниско ниво во повеќе од шест децении, соопшти денес Меѓународната организација за лозарство и вино (OIV), предупредувајќи на можни дополнителни ризици за индустријата, вклучувајќи ги американските тарифи и промените во навиките на потрошувачите.

Според податоците на OIV, вкупната глобална потрошувачка на вино минатата година изнесувала 214,2 милиони хектолитри, што е намалување од 3,3 проценти во споредба со 2023 година и најниско ниво од 1961 година, кога потрошувачката изнесувала 213,6 милиони хектолитри.

Во исто време, глобалното производство на вино се намали за 4,8 проценти, на 225,8 милиони хектолитри, што е исто така најниското забележано ниво во повеќе од 60 години. „Винската индустрија е погодена од совршена бура – здравствени проблеми, инфлација, геополитичка нестабилност и долгорочни промени во однесувањето на потрошувачите“, рече Џорџо Делгросо, раководител на статистиката во OIV. Во годишниот извештај се наведува дека од 2019 и 2020 година до денес, потрошувачката на вино се намалила за 12 проценти, додека просечната цена на шише се зголемила за околу 30 проценти.

Во Соединетите Американски Држави, најголемиот пазар за вино во светот, потрошувачката се намали за 5,8 проценти на 33,3 милиони хектолитри. Делгросо оцени дека потенцијалните тарифи наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп би можеле да претставуваат дополнителен удар за индустријата.

Во Кина, продажбата на вино сè уште не ги достигнала нивоата пред коронавирусот, додека во Европа, која сочинува речиси половина од глобалниот пазар, потрошувачката се намалила за 2,8 проценти.

Франција забележа пад од 3,6 проценти, додека Шпанија и Португалија беа меѓу ретките земји каде што потрошувачката се зголеми. Производството е дополнително под влијание на временските услови – обилни врнежи од дожд и суша. Италија ја задржа својата позиција како водечки светски производител со 44 милиони хектолитри, додека производството во Франција се намали за 23 проценти на 36,1 милиони хектолитри – најниско ниво од 1957 година. Шпанија произведе 31 милион хектолитри, додека производството во Соединетите Американски Држави се намали за 17,2 проценти на 21,1 милиони хектолитри, главно поради екстремната топлина. OIV наведува дека не може со сигурност да предвиди дали потрошувачката на вино повторно ќе расте. Индустриските компании, како што е францускиот вински синџир „Никола“, укажуваат на „генерациска промена“ во ставовите кон алкохолот.

Подготвено од М.Д.

About Author