ukraina-sad-znaminja

19.04.2025 Скопје

Украина и САД потпишаа меморандум за договорот за минерали, изјави висок украински функционер.

Документот е прв чекор кон склучување договор за развој на минерали во Украина, изјави Јулија Свириденко, прв вицепремиер и министер за економија на Украина.

„Среќни сме што можеме да го објавиме потпишувањето со нашите американски партнери на меморандум за разбирање што го отвора патот за договор за економско партнерство и создавање на Инвестициски фонд за обнова на Украина“, напиша Свириденко на платформата Х.

Претходно Доналд Трамп изјави дека Украина и САД би можеле да го потпишат договорот за минерални суровини и економска соработка веќе следната недела.

„Имаме договор за минерали за кој претпоставувам дека ќе биде потпишан во четврток“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа, очигледно мислејќи на договорот меѓу САД и Украина.

Трамп се залага за договор што ќе им овозможи на Соединетите држави да имаат привилегиран пристап до природните ресурси и критичните минерали на Украина во замена за воената помош што Вашингтон и ја даде на Украина за време на администрацијата на Џо Бајден.

Украинската делегација отпатува во Вашингтон кон крајот на минатата недела на преговори, откако администрацијата на Трамп предложи нов, посеопфатен договор. Првичниот рамковен договор за кој се преговараше никогаш не беше потпишан.

Денеска, американскиот министер за финансии Скот Бесант изјави дека „сè уште ги разработуваме деталите“ и дека потпишувањето би можело да се случи веќе следниот петок.

Белата куќа не одговори на барањето за повеќе детали за условите и содржината на договорот.

Претходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека двете страни би можеле да потпишат меморандум за намери.

„Ова е меморандум за намери. И ние имаме позитивни, конструктивни намери“, им рече Зеленски на новинарите во Киев.

Тој додаде дека предлогот за потпишување на меморандумот пред севкупниот договор, за кој ќе биде потребна ратификација во украинскиот парламент, дошол од американска страна.

Подготвено од М.Д.

About Author