
23.04.2025 Скопје
Трговските и царинските војни ги поткопуваат „правата и легитимните интереси на сите земји, му штетат на мултилатералниот трговски систем и влијаат на светскиот економски поредок“, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг за време на средбата со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, кој е во официјална посета на Пекинг.
Според кинеските државни медиуми, Си истакнал дека Кина е подготвена да соработува со Азербејџан за да го заштити меѓународниот систем во кој Обединетите нации играат централна улога, како и да го зачува правниот поредок во меѓународните односи.
Според него, целта на оваа соработка е „заштита на легитимните права и интереси на двете земји, како и одбрана на меѓународната правда и еднаквост“.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека на САД „добро им оди“ со Кина и дека ова е преоден период, мислејќи на трговската и царинската војна што избувна откако Трамп воведе царини за увоз на стоки од Кина.
Трамп минатата недела рече дека очекува да постигне трговски договор со Кина, иако не понуди детали или индикации за тоа како ќе започнат преговорите на двете земји.
Подготвено од М.Д.