23.04.2025 Скопје
Многу странци заминале во туристичка посета на Гренланд откако американскиот претседател Доналд Трамп лани кажа дека сака да го спои островот со Соединетите Американски Држави(САД).
Медиумите пишуваа дека има пораст на бројот на туристи. Воедно во групите на социјалните мрежи, постојано луѓето од различни делови на светот се распрашуваат што можат да видат во главниот град Нук, дали има планинарски тури на островот, крстарења и слично. Дури дел од овие луѓе лани биле на Гренланд, но сега сакаат пак да одат или имаше и такви што пишуваа дека од 1960 година, од детството имале желба да го видат островот, а сега ќе ја реализираат својата намера. Но, и блогери и новинари бараат информации за интересни места кои би можеле да ги снимат. Има и луѓе од регионот, конкретно од соседна Бугарија, кои пишуваат дека веќе биле на Гренланд и сакаат пак да го посетат. Меѓу заинтересираните за посета на Гренланд се и американски државјани.
„Планирам патување до Гренланд. Отсекогаш сакав да го посетам откако го видов на филм и сакам да одам на места со малку туристи, но можеби сега е најдоброто време, во случај да се отвори за повеќе туристи/Американци и да го изгуби својот изолиран шарм“.
Оние кои веќе биле на Гренланд, ги советуваат другите дека четири дена се доволни за запознавање на главниот град.
„Јас бев таму во октомври. Така беше пред целата работа со Трамп“, додава турист од Чешка.
Статистиката покажува дека бројот на патници на меѓународните летови за Гренланд во јануари се зголемил за 14 отсто во споредба со минатата година.
Бројот на ноќевања во хотелите е во постојан раст во последната деценија, од 210.000 во 2014 година на 355.000 минатата година.
Трамп и во 2019 година сакаше да го купи Гренланд. Но, жителите на островот се против спојување со САД.
Подготвено од М.Д.