kina-sad

24.04.2025 Скопје

Белата куќа синоќа објави дека американскиот претседател Доналд Трамп верува дека САД напредува кон трговски пакт со Кина.

„Го прашав претседателот за ова пред да излезам овде. И тој сакаше да споделам со сите вас дека работиме многу добро во однос на потенцијалниот трговски договор со Кина“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, на прес-конференција.

Левит додаде дека администрацијата ја подготвува почвата за договор со Кина и нагласи дека администрацијата на Трамп, исто така, добила 18 трговски понуди од земји од целиот свет. Таа одби да потврди дали Трамп неодамна разговарал со кинескиот претседател Си Џинпинг, пренесе германска агенција.

Минатата недела, Трамп веќе изрази оптимизам, изјавувајќи дека е уверен дека ќе постигне „многу добар договор“ со Кина и ги опиша претходните комуникации со Пекинг како „многу добри“.

Американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, исто така, предложи намалување на тензиите во спорот со Кина, порачувајќи им на инвеститорите на состанок зад затворени врати дека сегашните нивоа на тарифи се неодржливи.

Претходно овој месец, Трамп го заостри трговскиот конфликт со воведување нови давачки за повеќе земји, но подоцна прогласи прекин на спроведувањето во следните 90 дена. Меѓутоа, тој ги задржа посебните царини до 145 проценти за кинеските стоки, на што Пекинг возврати со давачки до 125 проценти за американските производи.

Подготвено од М.Д.

About Author