fon der lajen

30.04.2025 Скопје

Светската трговија се насочува кон Европа затоа што другите земји сакаат договори со ЕУ, рече денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на конгресот на Европската народна партија во Валенсија.

Во говорот на собирот на европските конзервативни партии, претседателката на ЕК рече дека Европската унија „веќе има најголема мрежа на договори за слободна трговија, 76“ со земји од целиот свет.

„Сега светската трговија се врти кон нас“, смета фон дер Лајен, во време кога светот е загрозен од воведувањето на американските царини за увозот на стоки од целиот свет во САД, кои ги објави американскиот претседател Доналд Трамп овој месец.

Од крајот на минатата година, ЕУ потпиша нов бран трговски договори, од јужноамериканскиот сојуз Меркосур, до Мексико и Швајцарија, потсети претседателот на ЕК.

„Сега работиме со Индија и Индонезија, Обединетите Арапски Емирати и Тајланд, Филипините и Малезија, со Пацификот. Сите тие сакаат договор со нас. Бидејќи сме фер, сигурни и играме според правилата“, рече таа.

„Затоа, да останеме на тој пат, со ладна глава и обединети“, рече таа.

Фон дер Лајен изјави дека ЕУ мора паралелно да работи на зајакнување на својот единствен пазар преку укинување на непотребните национални бариери, борбата против фрагментацијата и бирократијата.

„Ако ги отстраниме сите трговски бариери во рамките на нашата Унија, би можеле да го зголемиме нашиот БДП до 10 проценти. Затоа, пријатели, време е да ги скршиме оковите. Европа беше лулка на иновациите. Да ја ослободиме европската иновација“, рече германскиот демохристијан.

Подготвено од М.Д.

About Author