
08.04.2025 Скопје
Одамна е познато дека траумата има краткорочни последици, како што се главоболки, промени во апетитот и спиењето, страв, анксиозност и проблеми со концентрацијата.
Сепак, една нова студија сугерира дека тешката траума, како онаа доживеана во војна, може да остави епигенетски (она што лежи зад или надвор од генот, како основна биолошка единица на наследување) „лузни“ на ДНК кои траат со генерации.
Концептот на траума меѓу генерациите не е нов – познато е дека трауматските искуства што им се пренесуваат на потомствата значително го зголемуваат ризикот од депресија и други проблеми со менталното здравје.
Ова истражување го потврдува овој феномен со анализа на ДНК на 48 сириски семејства низ три генерации.
„Студијата документира траги од стрес и траума во телото, под кожата“, рече Кетрин Пантер-Брик, антрополог од Универзитетот Јеил.
„Нашите наоди го даваат првиот доказ дека насилството може да остави епигенетски траги на геномот, што има важни импликации за разбирање на еволуцијата и како трауматските искуства стануваат дел од геномот и опстојуваат низ генерациите“, додаде таа.
Тим научници проучувале жени кои биле бремени за време на насилните конфликти во Сирија во раните 1980-ти и 2011 година.
Нивната ДНК беше споредена со онаа на членовите на 16 семејства кои ја напуштиле Сирија пред 1980 година, избегнувајќи децениски конфликти.
Собрани се вкупно 131 примерок од брис од образите – од 45 помали деца, 37 постари деца, 47 мајки и две баби.
„Учесниците се приклучија на истражувањето од љубов кон своите деца и грижа за идните генерации“, рече Дима Хамадмад, коавтор на студијата и сириски истражувач чии родители се бегалци.
„Но, повеќе од тоа, тие сакаа нивната приказна за траумата да се слушне и да се признае“.
Научниците испитувале 850.000 места за метилација на ДНК, каде што се додаваат мали хемиски ознаки познати како метил групи.
Овој процес може да ја промени генетската експресија без промена на самата ДНК секвенца.
Кај мајките и децата кои директно доживеале насилство, беа идентификувани промени на 21 место во ДНК.
Пронајдени се модификации во 14 генетски области кај внуците на жените кои ги преживеале конфликтите од 1980-тите.
Истражувачите исто така откриле дека оние кои биле изложени на насилство додека сè уште биле во утробата на нивните мајки покажуваат знаци на забрзано стареење на клеточно ниво, иако сè уште не е јасно какви последици тоа може да има за нивното здравје.
Резултатите од студијата беа објавени во февруари оваа година во списанието Сајантифик рипортс.
Авторите на студијата повикуваат на дополнителни студии за долгорочните последици од насилството – вклучувајќи семејно насилство, сексуално насилство и вооружено насилство.
„Самата идеја дека траумата и насилството може да имаат последици низ генерации треба да поттикне поголема емпатија и да ги принуди носителите на одлуки да посветат поголемо внимание на овој проблем“, изјави Кони Малиган, коавтор на студијата.
„Тоа би можело да помогне да се објаснат некои од навидум непрекинатите меѓугенерациски циклуси на злоупотреба, сиромаштија и траума што ги гледаме низ целиот свет, вклучително и во Соединетите држави“, додаде таа.
Подготвено од М.Д.