
23.04.2025 Скопје
Во текот на 2024 година во РС Македонија биле собрани вкупно 637.471 тони комунален отпад, што е зголемување од 2,5 проценти во споредба со претходната година. Според Државниот завод за статистика, ова зголемување се должи на проширување на системот за колективно собирање, со вклучување на поголем број населени места.
Најголем дел од отпадот – 180.729 тони или 28,4 проценти – е собран во Скопскиот Регион, што го прави водечки по количина собран отпад.
Поголемиот дел од отпадот доаѓа од домаќинствата – 535.606 тони или 84 проценти, додека преостанатите 16 проценти потекнуваат од правни и физички лица (комерцијален отпад).
Кога станува збор за типот на отпад, измешаниот комунален отпад доминира со 546.866 тони или 85,8 проценти, додека најмалку се собира отпад од гума – само 1.136 тони или 0,2 проценти.
Од друга страна, иако е собран 637.000 тони, вкупно создадениот комунален отпад изнесува дури 790.866 тони, што укажува на тоа дека значителен дел сè уште не се прибира системски. Сепак, просечното годишно количество отпад по жител е намалено – во 2024 година изнесува 438 килограми, што е за 12,9 проценти помалку отколку во 2023 година.
Најголем дел од собраниот отпад – 99,8 проценти – завршува на депонии, што повторно го отвора прашањето за селекција и рециклажа како алтернатива.
Подготвено од М.Д.