paricnik

01.04.2025 Скопје

Самохраните родители со две или повеќе деца, како и семејствата со три или повеќе деца се меѓу најсиромашните во нашата земја. Децата се во ризичната категорија, дури 32,2 проценти од лицата на возраст од 0 до 17 години се изложени на сиромаштија.

Бројките покажуваат дека стапката на сиромаштија кај семејствата со самохран родители и издржувани деца достигнува високи 51,8 отсто. Веднаш зад нив се домаќинства со двајца возрасни со три или повеќе деца, каде стапката на сиромаштија е 41 процент.

Ова го покажаа последните податоци на Државниот завод за статистика од Лаекенскиот индикатор на сиромаштија кои се однесуваат на 2022 година.

Во 2022 година, стапката на сиромашни лица во РС Македонија била 22,9 проценти. Анализирано по типови домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2022 година е 27,2 отсто. Според најфреквентниот статус на економската активност, стапката на сиромашни вработени лица е 8,9 проценти, додека стапката на сиромашни пензионери е 9,9 отсто. Коефициентот на Џини, мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите е 29,8 отсто – се посочува во анализата на ДЗС.

За споредба, индикаторот за сиромаштија во 2021 година изнесувал 23 проценти, додека пак во 2020 година бил 21,8 отсто. Пред десетина години или во 2015 година овој индикатор бил 21,5 проценти, а во 2016 изнесувал 21,9 отсто.

Од друга страна и податоците на Евростат за сиромаштијата во Европската унија за 2023 година покажуваат дека и таму има голем број на граѓани кои се борат со сиромаштија.

Во 2023 година, во ЕУ имало околу 94,6 милиони луѓе во ризик од сиромаштија или социјална исклученост, што е еквивалентно на 21,4 отсто од вкупното население. Жените, младите на возраст од 18-24 години, лицата со ниско ниво на образование и невработените луѓе, во просек, беа изложени на ризик од сиромаштија – се укажува во последната анализа на „Евростат“ за сиромаштијата.

Податоците на Евростат покажуваат дека повеќе од една петтина или 22,4 отсто од луѓето кои живеат во домаќинства со издржувани деца во ЕУ беа изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост.

Кај домаќинства со издржувани деца, стапката е највисока во Романија и достигнува 34,2 проценти, па следува Шпанија со 30,7 отсто, и Бугарија со 30,3 проценти. На спротивната страна се Словенија со само 9,6 отсто домаќинства со издржувани деца во ризик од сиромаштија, па следува Финска со 12,1 отсто и Чешка со 12,4 проценти – се укажува во анализата на „Евростат“.

Подготвено од М.Д.

About Author