sad i kina

23.04.2025 Скопје

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера сигнализираше можност за олеснување на трговската војна со Кина, велејќи дека високите царини за кинеските стоки „значително ќе се намалат, но нема да бидат нула“.

На прес-конференција во Белата куќа, Трамп го омекна својот претходно остар тон по неколкунеделните одмазднички мерки кои ги зголемија тарифите за кинеските производи до дури 145%.

„145% е многу високо и нема да остане на тоа ниво“, рече Трамп како одговор на прашањата на новинарите во Овалната соба. „Нема да биде ни блиску до тоа. Значително ќе се намали. Но, нема да биде нула“.

Изјавите на Трамп уследија по коментарите на министерот за финансии Скот Бесент, кој претходно истиот ден рече дека сегашните царини меѓу САД и Кина ефективно ја блокираат трговијата меѓу двете земји.

Бесент на приватна инвестициска конференција организирана од ЏП Морган Чејс рече дека верува оти трговскиот конфликт со Кина е неодржлив и дека очекува конфликтот наскоро да деескалира, потврди извор запознаен со неговите изјави.

Наместо целосна поделба, Бесент им рече на инвеститорите дека целта е да се балансираат трговските односи – проценка што дополнително го поттикна оптимизмот на берзите. Откако неговите изјави излегоа во јавноста, сите три главни американски берзански индекси достигнаа највисоки дневни нивоа.

Оптимистичкиот тон од Вашингтон се прошири и на азиските пазари: хонгконгшкиот Ханг Сенг порасна за 2,5%, јапонскиот Никеи 225 за 2%, а корејскиот Коспи за 1,5%.

САД и Кина, двете најголеми економии во светот, досега си воведоа рекордни царини една на друга, потресувајќи ги глобалните берзи, нарушувајќи ги синџирите на снабдување и зголемувајќи ги стравувањата од рецесија.

Кина досега одржуваше цврст став и продолжи со контрамерки: ги зголеми тарифите за американските стоки на 125%, сè повеќе американски компании ги додава на листата на несигурни субјекти, а исто така го ограничи извозот на критичните минерали што се користат во производството на Ајфон и воените системи.

Покрај тоа, Кина го ограничи прикажувањето на холивудските филмови во своите кина и врати најмалку два Боинга кои беа наменети за кинеските авиокомпании.

И покрај трговските тензии, Трамп постојано тврдеше дека има „многу добри односи“ со кинескиот претседател Си Џинпинг и дека чека тој да се јави. Според извештајот, тимот на Трамп нема да го направи првиот потег.

Наместо да преговара со Трамп, Си Џинпинг започна дипломатска офанзива со другите трговски партнери во обид да се спротивстави на американскиот притисок.

Вчера Трамп повторно изрази надеж за преговори со Си и најави помирувачки тон:

„Не, не, ќе бидеме многу љубезни. Тие ќе бидат многу љубезни и ќе видиме што ќе се случи“, рече Трамп на прашањето дали САД ќе играат тврдоглаво со Кина или со Си и дали пандемијата ковид-19 ќе биде спомната во разговорите.

„На крајот, тие ќе мора да склучат договор. Во спротивно нема да можат да работат во САД, а ние сакаме да бидат вклучени. Мислам дека ќе живееме многу среќно заедно и во идеално сценарио и ќе соработуваме. Верувам дека ќе испадне многу добро“, додаде тој.

Кинеската страна сепак остава отворена врата за преговори, но под услов тие да бидат на рамноправна основа.

Извор близок до кинеската влада изјави дека Кина е отворена за разговори, но само доколку тие се засноваат на „почит“, доследност и реципроцитет, квалитети за кои велат недостасуваат во пристапот на Трамп.

Пред Трамп да ги објави новите царини на 2 април, Пекинг веќе имаше одредено лице за преговори, но не беше јасно кој ќе ги води разговорите на американската страна. Според истиот извор, Трамп сака да биде главен преговарач, што е некомпатибилно со начинот на кој Кина ги води билатералните односи.

Изворот, исто така, рече дека Трамповото премолчување на острите и често непријателски ставови на членовите на неговата сопствена администрација кон Кина подразбира негово премолчено одобрување и покрај изјавите дека го почитува и го цени претседателот Си.

На почетокот на месецот, Пекинг жестоко реагираше на изјавите на американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс, кој во едно интервју ги спомна „кинеските селани“, што предизвика бран гнев и потсмев на кинеските социјални мрежи.

Подготвено од М.Д.

About Author