rumen radev vo crna gora

30.04.2025 Скопје

Зборот „отстапка“ кон РС Македонија не постои во мојот речник. Ова го изјавил претседателот на Бугарија, Румен Радев пред новинарите во Варшава, каде што учествуваше на самит на иницијативата „Три мориња“.

„Подготвени сме да ѝ помогнеме на Република Северна Македонија на патот на европската интеграција и тоа го правиме, но очекуваме овие чекори од европскиот консензус, со согласност на сите 27 земји и на самата земја, да бидат почитувани“, рекол шефот на државата.

Радев прецизирал дека на неодамнешната средба меѓу него и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта била разгледана темата за европската интеграција на РС Македонија.

„Можам да кажам дека ова беше една од главните теми. Не заборавајте дека кога Кошта беше премиер на Португалија, таа тогаш претседаваше со Советот на Европската Унија. Тој имаше неколку средби со мене и бројни телефонски разговори, со ветување дека навистина ќе сториме така што ќе ѝ се даде зелено светло на Република Северна Македонија. Тоа не се случи. Во тоа време ја претставував Бугарија во Европскиот совет. Сè додека не постигнавме решение, кое веќе беше постигнато за време на француското претседателство, со реална преговарачка рамка што ќе ги заштити бугарските интереси, а воедно ќе ѝ даде перспектива на Република Северна Македонија“, посочил Радев.

На прашањето дали е покрената темата за можни отстапки од бугарска страна, претседателот нагласил: „Воопшто не зборуваме за отстапки. Таков збор не постои во мојот речник, во однос на Република Северна Македонија. Целосно го разбирам претседателот на Европскиот совет, бидејќи тој сака интеграцијата на Западен Балкан да се забрза. Особено во контекст на геополитички превирања. Од друга страна, она што го добива од мене како многу јасен став, овој процес на интеграција мора да биде одржлив и неповратен. Мора да се базира на почитување на основните демократски принципи на Европската Унија и Копенхашките критериуми за членство. Република Северна Македонија има јасни обврски во преговарачката рамка и протоколите кон неа. Тие едноставно мора да се исполнат“, објаснил бугарскиот претседател.

„Очекувам раководството на Република Северна Македонија да покаже државнички став и конечно да ги исполни првите услови – усвојување промена на Уставот за да се отвори вратата за преговори“, додал Радев.

„Очекувам проблемите во Република Северна Македонија со владеењето на правото, борбата против корупцијата и потребните реформи да не бидат скриени под маската и да се зборува дека Бугарија става пречки. Не, Бугарија не попречува, таа е подготвена да помогне. РСМ едноставно треба да ги преземе потребните реформи“, потенцирал бугарскиот претседател.

Бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев неодамна изјави дека впишувањето на Бугарите во Уставот е прв, но не и единствен услов за почеток на преговорите на земјава за членство во ЕУ и оти тоа не е билатералност, туку спроведување на европскиот консензус.

„Многу е важно да се знае дека промената на Уставот и впишувањето на Бугарите како државотворен народ не е единствен услов. Односно, не е добро да се испушта во целиот тој разговор, со евентуална цел – за која се надевам дека не е така, ако впишувањето се случи и се исполни условот за уставни измени согласно европскиот консензус, некој да рече: „ете ви кажавме дека Бугарите немаат предвид само едно нешто“, изјави Георгиев за бугарските медиуми.

Подготвено од М.Д.

About Author