
07.04.2025 Скопје
Последната посета на претседателката Гордана Силјановска-Давкова на Бугарија, каде што по покана на бугарскиот претседател Румен Радев учествуваше на состанокот на шефови на држави и влади „Акаба процес Балкан III“, е добар пример за тоа како треба да соработуваат две соседни земји, ослободени од скрупулите на минатото и од прашањата што ги разделуваат, наспроти она што значи просперитет и бенефит за двете општества.
Со други зборови, повеќе од важно е во моменти кога светот од состојба во која е наглавечки (со досега извртени вредности во сите општествени сфери) се враќа конечно да застане на нозе, да почнат да се тргаат настрана сите работи околу кои РС Македонија и Бугарија имаат различни гледишта, оти на тој начин страда и сегашноста, а неминовно ќе страда и иднината.
На маргините на состанокот во рамките на процесот Акаба, македонската претседателка оствари средба со својот бугарски колега, при што обајцата се согласиле дека почестата комуникација на бугарските и македонските политичари, но и научници, ученици, студенти, професори, културни дејци, новинари и други категории субјекти ќе ја продлабочи и ќе ја зацврсти меѓусебната доверба, ќе ги урне предрасудите и ќе има повеќекратен бенефит за граѓаните.
И покрај разликите во идентификувањето на можните решенија за нашата евроинтеграциска блокада, тие заклучија дека ќе продолжат да дискутираат со добра намера, решени да го надминат проблемот.
Сето ова најдобро говори дека кога ќе се тргнат настрана различните гледишта за одредени прашања, тогаш дијалогот се одвива во пријателска атмосфера, која е повеќе од потребна за враќање на разнишаната доверба меѓу двете држави и двата народа, кои со векови живееле едни покрај други и кои во повеќе наврати си помагале меѓусебно. Сѐ поочигледно е дека одредени либерални елити и активно придонесувале за да се промени и вредносниот систем, што придонело и невистините да се претвораат во вистини, лагите и полувистините во факти, а фингирањето и ревизиите на објективноста да бидат нормална реалност. Тоа придонесе и за судир што бараше темелна разврска што неолибералниот супстрат го толкуваше како „финална пресметка“, дури и како „продолжување на либералните политики со други средства“. Тоа се одрази со повеќе недоразбирања на до вчера блиски соседи, па дури и со потешки конфликти, а некаде и со воени судири.
Дел од аналитичарите што подолг период ги следат македонско-бугарските односи се согласни дека двете земји имаат многу поважни работи околу кои треба да се сообразат отколку да се инсистира на работи што за македонската страна се неприфатливи и навредливи.
РС Македонија низ историјата покажа дека ова општество тука отсекогаш било мултинационално, мултиконфесионално, дека не постоеле предрасуди кон никого. Македонците како народ важат за толерантни, покажаа дека знаат да градат добар соживот со сите, така што нема никаква причина некој да се сомнева дека тоа не може да го изградиме и со Бугарите, имаме искуство во таа работа. Впрочем, оние што се чувствувале како Бугари во РС Македонија своето чувство слободно го изразувале со години наназад, не биле со ништо маргинализирани, дискриминирани или спречувани во која било нивна намера. Дури имаат и своја политичка партија како највисок демократски израз на нивните амбиции на македонската политичка сцена – посочуваа аналитичарите.
Според нив, поканата на бугарскиот претседател Радев да ја вклучи и РС Македонија во процесот „Акаба“, на кој Бугарија е коорганизатор, покажува дека во вакви турбулентни времиња особено е важно како соседи да се држиме едни со други заедно.
Она што е клучно е дека почнува во прв план да се истакнува потребата од соработка на политички план меѓу бугарските и македонските политичари, но и сферата на науката и образованието, почести средби меѓу научните кругови во двете земји, размена на ученици, меѓусебни училишни посети, слични средби и на повисоко академско ниво, меѓу студенти и слично. Пред извесно време видовме дека културната соработка е таа што може да ги урне сите бариери, а ако се засили и економската соработка, тогаш ќе почнат вистинско продлабочување и зацврствување на меѓусебната доверба. Ова е важно во вакви времиња кога очигледно се прекројуваат светските мапи и влијанија, а ние како мали држави на Балканот ако продолжиме со меѓусебните поделби нема да имаме големи шанси. Треба да го искористиме актуелниот момент за да се зближиме, да си веруваме меѓу себе, да го забрзаме инфраструктурното поврзување бидејќи кога луѓето почесто и полесно ќе комуницираат, тогаш и разликите ќе се смалуваат – истакнуваат аналитичарите.
Од своја страна, македонските историчари сметаат дека рецептот за надминување на она што е клучна разлика меѓу двете земји, околу македонскиот идентитет, јазик и историја, е преку уважување на сечиј историски наратив.
Секој нека си ја толкува својата историја онака како што смета, со наративот што ѝ одговара на нацијата, тоа е рецептот како да се надминат недоразбирањата. Ништо од нашето толкување на историјата, на историските митови и наративи никого не загрозува.
РС Македонија никогаш немала намера некому да му го одземеме делот од историјата што смета дека е нејзин, туку напротив. Бугарија може да си гради сопствен историски наратив како што сака, но погрешно е кога таквиот наратив се наметнува врз другиот и се инсистира тој да биде единствено прифатлив и заеднички. Тоа не е во ред. Тука треба да се најде компромисот, секој слободно да си го гради сопствениот историски наратив без никакви пречки.
Затоа е важно секој да си се држи до сопствениот историски наратив за да можеме да им обезбедиме на идните генерации подобра атмосфера да градат блиски меѓусебни односи и многу подобра и пријателска соработка. Во една таква атмосфера, работите ќе си дојдат природно сами по себе, Бугарите ќе нѐ уважат како засебен народ, но клучно е да не се инсистира на тоа сега, туку сега заеднички да се свртиме на поважни работи од сегашноста наместо од историјата – заклучуваат историчарите.
Подготвено од М.Д.