
14.04.2025 Скопје
Отровен вид риба познат како пуфер риба се шири во Средоземното Море и се заканува да го загрози биодиверзитетот, покажа најновото истражување на хрватските научници, објавија денеска медиумите.
Овој вид риба, познат и како сом со четири заби, потекнува од Црвеното Море и се повеќе стигнува до Медитеранот преку Суецкиот канал, според истражувањето неодамна објавено во научно списание.
Според истражувачите, мажјак од овој исклучително отровен вид, долг нешто повеќе од 500 милиметри и тежок 1.330 грама, бил забележан во северниот дел на Јадранското Море во мај минатата година, на длабочина од 20 метри.
Ова е четврти примерок од овој вид риба забележан во водите на ова море, но првпат во северниот дел на Јадранот, објавија истражувачите од Природно-математичкиот факултет на Универзитетот Јурај Добрила во Пула и Институтот за океанографија и рибарство во Сплит.
Научниците рекоа дека оваа риба за прв пат била забележана во Средоземното Море во 2003 година и оттогаш се проширила далеку од тропските и екваторијалните води од каде што потекнува. Видот е забележан и во близина на бреговите на Франција, Турција, Тунис и Египет.
Причината за неговото масовно присуство во Средоземното Море е отсуството на предатори, како и високата стапка на размножување на овој вид. Еден од авторите на студијата Невен Ивеша изјави дека присуството на овој вид во северниот дел на Јадранот е јасен знак за неговата експанзија и потенцијалните еколошки и економски последици што може да ги има.
Тој додаде дека проактивното следење на овој вид риба е важно со цел да се развијат стратегии за ублажување на последиците што може да ги има неговото ширење врз локалната биолошка разновидност, рибарството и јавната безбедност.
Неодамнешните докази покажаа дека пуферската риба може да биде опасна и да каснува луѓе, што дури може да доведе до ампутација на прстите. Овој вид е исто така потенцијално фатален ако се јаде, бидејќи неговото месо содржи силен отров.
Подготвено од М.Д.