SMETKOVODSTVO

22.04.2025 Скопје

Лош старт на годинава за некои бизниси. Иако, во првите три месеци се отвориле над 1.900 фирми, во истиот период клуч на врата ставиле околу 1.000. Ова го покажуваат податоците од Централниот регистар. Во однос на лани има незначително намалување на бројот на фирми кои затвориле, а некои драстични промени нема ниту во делот на новоотворените.

Податоци од Централен регистар

Новоосновани фирми – 1.940

Затворени – 986

Од бројките на Централниот регистар може да се види дека во првиот квартал, најголем број на компании кои ставиле клуч на врата се оние од секторот трговија на мало и големо, но и од преработувачката индустрија.

Освен во овие две дејности, компании кои затвориле има и во стручната научна и техничка дејност, во градежништвото, кај сервисните дејности со храна, но и во другите усложни дејности. Има и во земјоделството, транспортот и во дејноста информации и комуникации.

Најдобро поминал секторот финансии и осигурување. Таму за три месеци згаснале само шест компании.

Но, може да се види дека онаму каде што има најмногу згаснати фирми, генерално во тие сектори никнуваат и нови. Еден од секторите каде има малку новоосновани е Рударството и вадењето камен. Токму тука според последната анализа на Државниот завод за статистика има и  намалување на производството и тоа за 4,4 проценти во февруари годинава во однос на февруари лани.

Во однос на анализата за фирмите направена и оваа и минатата година од страна на Централниот регистар значајни измени нема. Но, во однос на претходните години односно од периодот кога сè уште се чувствуваше ковид и енергетската криза може да се забележи подобрување кај бројките.

Во тој период, односно во првите три месеци во 2022 година, податоците од Бизнис мрежа покажаа дека битката ја загубиле речиси 4.000 фирми. Толку бизниси за краток период ставија клуч на врата.

Подготвено од М.Д.

About Author