
12.04.2025 Скопје
Нема победници во царинските војни, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг за време на средбата со шпанскиот премиер Педро Санчез во Пекинг.
„Одењето против светот води до самоизолација“, рече кинескиот претседател.
Санчез е во дводневна посета на Кина, негова трета во исто толку години. Посетата доаѓа во време на ескалација на трговска војна меѓу САД и Кина.
„Развојот на Кина во изминатите седум децении е резултат на самодовербата и напорната работа, а не на наклонетоста на другите. Кина нема да отстапи пред каков било неправеден притисок“, објави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг на платформата X по средбата на двајцата официјални лица во Пекинг во петокот.
Беше нагласено дека Кина ќе остане самоуверена, сталожена и фокусирана на добро управување со своите работи „без оглед на тоа како се менува надворешното опкружување“.
„Кина и ЕУ треба да ги зајакнат своите меѓународни одговорности, заеднички да ја заштитат економската глобализација и меѓународната трговска средина и заеднички да отфрлаат унилатерални и насилнички акции. Кина и ЕУ треба да ги бранат не само своите легитимни права и интереси, туку и меѓународната правичност и правда и меѓународните правила и поредок“, наведе Мао на X.
Подготвено од М.Д.