
15.04.2025 Скопје
Бизнис заедницата е убедена дека застана на патот кој за младите водеше само надвор од државата. Преку активности и проекти Стопанската комора неколку години активно работи за продуцирање на квалификуван кадар преку дуално образование. Долго време, македонскиот образовен систем и бизнис-секторот функционираа како два паралелни света. Едниот произведуваше кадри, другиот бараше кадри – но ретко кога овие две потреби се среќаваа. Тоа придонесе многу млади луѓе кои откако ќе дипломираат се без практични вештини. Но работите почнаа да се менуваат. Бидејќи без сореаботка помеѓу бизнисот и училиштата, ќе има се повеќе компании кои тешко наоѓаат квалификувана работна сила, а тоа ќе предизвика економија која тапка во место.
Стопанската комора во 2017 година ја презеде иницијативата за воведување на дуално образование. Од ова бизнис здружение велат дека започнале како пилот-проект со само две квалификации од секторите електротехника и машинство. Но, информациите велат дека денес, сликата е сосема поинаква, односно овој модел се применува на 78 квалификации во рамки на 14 сектори, со активно учество на 560 компании и 69 средни стручни училишта. Во моментов во РС Македонија има 259 дуални паралелки во училиштата.
„Зошто ова е важно за компаниите? Затоа што времето на чекање – помина. Денес не можете да чекате да се појави идеалниот кандидат. Морате да го создадете. А тоа значи да се вложи во млади кои ќе бидат обучени конкретно за вашите процеси, технологии и потреби. Дуалното образование токму тоа го овозможува. И тоа не е “инвестиција во некое туѓо дете”, туку вложување во сопствената иднина. Секоја компанија знае: иднината не се гради само со машини, туку со луѓе. Ако сакаме младите да останат тука и да имаат перспектива, мораме да им дадеме образование кое води кон вработување. Мораме да ги подготвиме за пазарот што постои, а не за оној од пред 20 години“, велат од Стопанската комора.
Бизнисот е дециден и е на став дека дуалното образование не е крајната цел, туку почеток на едно ново разбирање, дека образованието мора да зборува на јазикот на економијата. А Комората е тука – за да биде преведувач, посредник и двигател на тој процес.
Во спротивно и понатаму ќе бидеме сведоци на одливот на мозоци, додаваат бизнисмените. Од Стопанската комора велат дека РС Македонија нема иднина без да го спречи овој процес. Затоа Комората од денес е во нова офанзива да ја убеди Владата со заедничка платформа да направат пресврт како кај дуалното образование.
Од стопанската комора наведоа дел од причините поради кои земјава се празни а тие причини не секогаш се од економска природа.
„Лоши можности за вработување. Невработеност од 24% кај младите до 29 години. Младите се иселуваат за поквалитетно здравство, социјална заштита и поквалитетен начин на живот. За да се спречи трендот на иселување на младите образовни лица и враќање на веќе иселените, мора да се направи платформа во која водечко место ќе имаат Владата и Комората, а на која би се приклучиле универзитетите и невладините организации кои ќе понудат соодветни решенија“, додаваат од комората.
Според извештајот на Светска банка за 2023 година РС Македонија е рангирана на 23 место, во група од 25 земји, со најмногу емигранти. 40% од високообразовниот кадар, во последните 10 години, ја има напуштено државата и според индексот на Глобал економи е рангирана на 5-то место од 41 европска држава.
Подготвено од М.Д.